Ел Салвадор ќе прими опасни криминалци од американските затвори, но бара компензација

73

Ел Салвадор се понуди да прими опасни криминалци кои се држат во американските затвори, вклучувајќи ги и оние со американско државјанство. Изразувајќи длабока благодарност за понудата американската администрација оцени дека ниту една земја никогаш не дала таква понуда за пријателство, пренесе Би-Би-Си.

 

Властите во Ел Салвадор исто така се подготвени да прифатат депортација на мигранти, од која било националност кои се криминалци и нелегално престојуваат во САД.

Претседателот Наиб Букеле води успешна политика против бандите, со која драматично се намали стапката на криминал во Ел Салвадор, држава која некогаш светот ја знаеше како главен град на убиствата.

Букеле е подготвен да ги врати граѓаните на Ел Салвадор, како и мигрантите од други земји, навестувајќи дека фокусот ќе биде ставен на членовите на латиноамериканските банди – како што се МС-13 или Трен де Арагва. Тој на новинарите им рече и дека неговата понуда за затворите оди подалеку од договорот од 2019 година за прифаќање мигранти.

 

Во објава на платформата „Икс“, Букеле изјави дека им понудил на САД можност да „извезат дел од својот затворски систем“. Но додава и дека за тоа ќе се бара компензација.

-Подготвени сме да прифатиме само осудени криминалци (вклучувајќи ги и осудените американски граѓани) во нашиот мега-затвор… во замена за компензација, вели тој.

Букеле, поранешен градоначалник на главниот град Сан Салвадор, првпат дојде на власт во 2019 година со ветување дека ќе создаде „нова ера“ за Ел Салвадор, ќе ги сузбие насилството и корупцијата на бандите и ќе ги подобри односите со Соединетите Држави.

Неговата популарност вртоглаво порасна откако почна борба против криминалот и бандите, трансформирајќи го Ел Салвадор од престолнина на убиства во една од најбезбедните земји во регионот. За време на неговиот прв мандат, неговата влада масовно ги апсеше сите осомничени дека се поврзани со банди. Се проценува дека околу 75.000 лица се уапсени со вонредните мерки, кои континуирано се продолжуваат, што предизвика загриженост кај организациите за човекови права.

Амнести интернешнал ја критикуваше „постепената замена на насилството од бандите со државно насилство“ во земјата.

ИЗДВОЕНИ