„Во членот 26 од Законот за експропријација стои дека, покрај другата документација што треба да ја достави странката (за обесштетување), треба да има и одобрен проект за инфраструктура. Бидејќи постапките се однесуваат на недвижности што се надвор од населено место и не постои урбанистичко-планска документација за нив, практично тие не може да ја достават целата документација и постапките запираат“, велат од Управата за заштита на културното наследство
На триесетина катастарски парцели, од кои најголем дел се однесуваат на аквадуктот, археолошките локалитети Била Зора и Скупи, дел Демир Капија… не може да се врши заштита на недвижното културно наследство бидејќи се во приватна сопственост. Како што посочуваат од Министерството за култура и туризам и од Управата за заштита на културното наследство, проблемот лежи во Законот за експропријација.
„Во членот 26 став 1 од Законот за експропријација стои дека, покрај другата документација што треба да ја достави странката (за обесштетување), треба да има и извод од актот за планирање на просторот, односно одобрен проект за инфраструктура (како што се бара со новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање). Бидејќи постапките се однесуваат на недвижности, во границите на споменчините целини или археолошки локалитети што се наоѓаат надвор од населено место и не постои урбанистичко-планска документација за нив, практично тие не може да ја достават целата документација и ние не можеме да им излеземе во пресрет. Како Управа, неколку пати се обративме и до Министерството за транспорт и врски да бараме насоки за археолошките локалитети за да можеме да почнеме постапка за експропријација. Затоа треба да се модифицира овој член на Законот, за да можеме да бидеме ефективни како Управа, бидејќи без соодветна документација, ние, како Управа, не можеме да го исполниме условот од членот 26 и тука постапките се запираат. Затоа минатата година и не можевме да ги реализираме средствата што ни беа дадени од буџетот“, вели Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство.
Овој проблем деновиве, на собраниската говорница, го истакна и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
„Во Македонија имаме генерален проблем на сите археолошки локалитети. Буквално можам да кажам дека 70 проценти се наоѓаат на приватно земјиште, што е сериозен проблем. Имајќи го предвид тоа што недвижното културно наследство што е предмет на експропријација најчесто се наоѓа надвор од урбанистичкиот опфат на актите за планирање на просторот, односно од ДУП-овите и ГУП-овите, потребно е да се направат значителни законски измени за да се обезбеди потребната документација“, посочи, меѓу другото, министерот Љутков.
Тој додаде дека во вторник, ќе поднесе до Владата предлог за законски измени, бидејќи доколку не се направи тоа, ќе имаат големи финансиски последици.
Одговарајќи на прашање од пратеникот на Вреди, Салим Сулејмани, околу состојбата на базиликата во селото Радолишта, за која посочи дека се наоѓа меѓу две приватни парцели и дека од тие причини стручните екипи имаат многу отежнат пристап до неа, Љутков објасни дека со законските измени, тие ќе имаат поголема слобода во делот на решавањето на проблемите на археолошките локалитети.
Тој потенцира дека е направен увид во базиликата и дека е констатирано дека ѕидовите на мозаиците во неа се во стабилна состојба. (Д. Т.)