Денеска во употреба беше пуштен уште еден капитален проект во патната инфраструктура. Станува збор за експресниот пат што го поврза Градско со Дреново, а во втора фаза и со Фариш, како дел од планот за брзо поврзување со Прилеп, при што патувањето до Скопје драстично ќе се скрати, само час и 10 минути.
– Експресниот пат Градско – Дреново е реален, не го направи вештачката интелигенција. Проектот беше блокиран од претходната влада, работници немаше, активности немаше, не беа решени косините, сега гледате како прекрасно изгледаат двете страни на патот и недостигаа некаде околу 13 милиони евра за да се исплатат и да се доврши реализацијата на овој експресен пат. Изведувачот се спремаше за арбитража, веќе првите чекори беа преземени и работниците беа повлечени. Но, ние успеавме за еден месец да ги решиме проблемите, да го одблокираме проектот и да го изградиме патот што ќе значи многу за поврзувањето на Прилеп, Битола, на Могила, Новаци, Кривогаштани, на Крушево, секако и Росоман и поврзување со главниот град, но исто така ќе значи и поврзување со соседна Грција и поврзување на Коридор 10 – истакна министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
Тој најави дека за брзо време ќе се отвори и вториот дел, којшто оди од Дреново до Фариш.
– Таму има два преубави тунели што значат нова содржина, ако сакате и во туристичкиот дел во овој регион, а понатаму ќе работиме и на изградба на трета лента на Плетвар каде што сега нема, некаде е кај Беловодица до Прилеп како би можело од Скопје до Прилеп да се патува за час – час и десетина минути. Исто така веќе работиме на и изградба на автопат од Скопје до Битола како би можело од Скопје до Битола да се патува за час и половина – рече Николоски.
Вредноста на проектот е 37.500.000 евра, од кои 26.700.000 евра се обезбедени преку ИПА фондовите и 10.600.000 евра од Буџетот.
– Експресниот пат, кој е дел од паневропскиот Коридор 10, претставува повеќе од 15 километри модерна инфраструктура. Финансиран преку ЕУ грант во вредност од над 35 милиони евра, покрај националното кофинансирање, овој експресен пат ќе донесе опипливи придобивки и за граѓаните и за бизнисите, побрзо и побезбедно патување, како и подобра пристапност до останатите делови од овој витален коридор, што минува низ шест земји од Австрија од Грција, поврзувајќи ги сегашните и идни членки на ЕУ, поврзувајќи ја земјата со светот. Коридорот 10 ја зацврстува стратешката позиција на Македонија како клучен транзитен центар во Југоисточна Европа. Овој експресен пат е критично делче од пошироката трансевропска транспортна мрежа, што не поврзува меѓусебно, како соседи и како партнери – порача евроамбасадорот Михалес Рокас.
Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека коридорите 8 и 10 како и 10-д се стратешки за Македонија, правејќи ја крстосница на Балканот.
– Заради тоа имаме силен фокус да ги модернизираме, на ниво, со што ќе дадеме регионален придонес во инфраструктурното поврзување – истакна Мицкоски и истакна дека интензивно се работи и на проектот за изградба на автопатот Прилеп-Битола од околу 40 километри Тој би се завршил во 2027 година. Тоа време се очекува да се заврши и изградбата на автопатот Гостивар Букојчани Кичево, при што интензивно ќе се работи и на патот Тетово – Гостивар, што ќе прерасне во автопат. Сакам да објавам дека наредната 2026 година очекувам да се заврши со градба и на автопатот Кичево – Охрид, што целосно беше во застој поради блокадите од претходната влада – нагласи премиерот.
(С.Бл.)