Поранешната економска директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, призна дека ја злоупотребила службената положба и овластување и доби условна казна. Од Основното јавно обвинителство ја потврдуваат условната казна за Иљази и велат дека доколку ја прекрши, казната може да премине во затворска.
– Определена е условна казна со заштитен надзор, по признавање вина. Доколку не се придржува обвинетата кон одредбите на Судот, казната може да ѝ премине во затворска. Дополнително, од Клиниката за токсикологија ќе бараат од неа и надоместок на штета, кој ќе се утврди преку судска постапка – велат од ОЈО.
Иљази е обвинета за злоупотреба на службената положба. Во мај 2024 година, таа склучувала договори за дело со лица за нивно работно ангажирање на Клиниката и издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надоместок за нивни претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои, исто така, им се исплаќал надоместок за наводно извршени работи.
Менаџирањето на Иљази предизвика бурни реакции во јавноста. Иако таа одбиваше да се повлече, сепак, на крајот, министерот за здравство Арбен Таравари ја разреши од функцијата.