Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена ќе треба да изврши вонреден инспекциски надзор врз сите угостителски објекти кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор, на територијата на државата и за наодите од надзорот веднаш да ја известат Владата. Целта на овие надзори е да се види дали истите работат според стандардите и ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата. Ова доаѓа по инспекцискиот надзор на дискотеката „Пулс“ во Кочани каде во пожар животот го загубија најмалку 59 луѓе, а над 150 се повредени работела со фалсификувана лиценца, односно една година немала лиценца.
Поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, за весникот ВЕЧЕР изјави дека градоначалникот требало да знае дали клубот имал валидна лиценца, бидејќи секоја година клубот треба да уплатува одредена сума пари на сметка на општината.
-Клубот немал валидна лиценца бидејќи не ги исполнувал условите. Во лиценцата стои дека угостителски објект може да работи како кабаре или диско клуб, односно до 4 часот наутро. Затоа и ги вадеа тие лиценци за да можат да работат до раните утрински часови. За тоа дали угостителскиот објект имал лиценца општината морала да знае, бидејќи парите мора да легнат на општинска сметка. За еден клуб да добие лиценца потребно е повеќе државни органи да извршат проверка. Министерство за транспорт издава дозвола за објектот да видат дали објектот ги исполнува урбанистичките и безбедносните услови. Потоа полицијата треба да провери дали објектот има доволно паркинг простор, 2-3 излези, излез за евакуација…, вели Пауновски.
Тој појаснува дека врз основа на сите тие дозволи Министерството за економија издава лиценца. Државниот пазарен инспекторат врши редовни и вонредни контроли за почитување на законите, како што се работното време, дозволениот број гости и условите за работа. ДПИ, исто така, проверува дали вработените работат во согласност со трудовото законодавство.
-Инспекторите проверуваат дали клубот има лиценца, дали таа е валидна и дали е платено за таа лиценца во општината. За едно обично мало кафуле треба да има ПП апарат, излез за евакуација…, а не за некој ваков голем клуб. Клубот немал валидна лиценца, бидејќи не ги исполнувал условите и не можел да ја добие по легален пат, објаснува Пауновски.
МВР, односно полицијата го контролира редот и мирот, проверува безбедносни мерки, влез на малолетници и дозволи за работа после полноќ. Поради тоа, Пауновски вели не е јасно како во клубот се дозволило да влезат толку малолетници, кога за деца под 14 години има забрана за движење по 24 часот и забрана за алкохол под 18 години.
Во Законот за вршење на угостителска дејност стои дека еден објект да може да врши угостителска дејност мора да ги исполни пропишаните минимално-технички услови, односно санитарно здравствени услови, условите за заштита при работа, заштитата и унапредување на животната средина, противпожарна заштита и условите за заштита од бучава пропишани со закон.
-Угостителската дејност во угостителските објекти ноќен бар, кабаре, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор може да се врши доколку угостителот обезбеди и согласност од органот на државната управа дека се исполнети условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот. Угостителот е должен исполнувањето на условите од овој закон и започнувањето со работа да го пријави на Државниот пазарен инспекторат, на градоначалникот на општината најмалку 15 дена пред почетокот на работењето на угостителскиот објект, стои во Законот за вршење угостителска дејност.
Угостителска дејност може да се врши само врз основа на лиценца. Лиценцата ја издава органот на државната управа надлежен за работите од областа на угостителството, односно Министерството за економија. Министерството за економија е должно 30 дена пред истекот на рокот на важноста на претходно издадена лиценца да го потсети носителот за периодот на важноста на истата.
За добивање на лиценцата угостителот е должен да плати надоместок во Министерството за економија и тоа за кабаре 2.500 до 5.000 евра, ноќен бар од 5.000 до 7.000 евра и дискоклуб и дискоклуб на отворен простор од 7.000 до 10.000 евра во денарска противвредност. Кон барањето се доставува решение за упис во трговскиот регистар издадено од Централниот регистар на Република Македонија.
(А.С.)