Економистите со црни прогнози за економијата во Европа

17

Поголемиот дел од економистите анкетирани од Светскиот економски форум, поточно 56 отсто, очекуваат слабеење на глобалниот економски раст во 2025 година, а прогнозата за Европа останува мрачна, бидејќи 74 отсто од испитаниците веруваат дека Стариот Континент ќе забележи слаб или многу слаб раст оваа година, се вели во извештајот.

Очекувањата за глобален раст се намалени во целина, но значително се разликуваат во различни региони. Се предвидува дека американската економија ќе доживее силен раст оваа година, како и јужноазиските земји, особено Индија.

Спротивно на тоа, изгледите за Кина остануваат послаби, а економскиот раст на азиската земја се очекува постепено да забави во наредните години.

Водечките економисти очекуваат дека политиките на САД значително ќе влијаат на глобалната економија во наредните години, што ќе доведе до значителни промени во трговијата, миграцијата, дерегулацијата, фискалната политика, индустриската политика и надворешната политика.

Огромното мнозинство деловни луѓе очекуваат пораст на инфлацијата и на јавниот долг, како и значителни добивки на берзата.

Светската трговија е сè пофрагментирана, а дури 94 отсто од економистите сметаат дека овој тренд ќе продолжи да се продлабочува во следните три години.

Главното влијание на растечката фрагментација на глобалната економија, на која укажуваат водечките економисти, веројатно ќе ги зголеми трошоците за потрошувачите и бизнисите, се додава во извештајот на веб-страницата на Светскиот економски форум.

ИЗДВОЕНИ