Република Македонија има добра правна рамка за животната средина, но голем предизвик останува спроведувањето и функционалноста на институциите. Воведувањето на кривичното дело екоцид е значаен чекор напред, но потребно е подобрување на правната рамка, специјализација на судиите и јавните обвинители, како и формирање на еколошка полиција за дела од животна средина.

Ова се дел од заклучоците на Петтата сесија на Работната група 5-Животна средина на тема „Приближување на националното законодавство кон европските напори за еколошка правда“, којашто се одржа вчера во Скопје во рамките на проектот Национална конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија.

На сесијата беше истакнато воведувањето на кривичното дело екоцид како значаен чекор напред, иако беше посочено дека е потребно судиите да имаат прецизни упатства за да изрекуваат конкретни санкции.

Норберт Курила, советник на претседателот на Словачка за животна средина, енергија, климатски промени и бизнис клима во своето обраќање стави акцент на новата ЕУ Директива, со која се проширува опсегот на нови дела од областа на животната средина, како и воведување на нови казни.

Наведувајќи го примерот со Словачка, Курила, препорача формирање на еколошка полиција со што би се обезбедила поголема ефикасност во однос на справување на делата во животната средина. Според словачкиот експерт Курила значајна институција е Словачкиот инспекторат за животна средина којшто се финансира од буџетот, но и од казните.

Проектот Национална конвенција за Европската Унија во Република Македонија е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. Проектот се реализира од страна на Европското движење во Република Македонија, а е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во нашата земја и SlovakAid.