Еколошките автобуси од ЕУ чекаат „каско“ за да почнат да возат низ градот

806

Според последните информации од ЈСП, тие најверојатно ќе бидат пуштени во сообраќај на почетокот на февруари. – Во тек е постапка за „каско“ осигурување на автобусите. Чекаме да се избере најповолната фирма. Штом тоа ќе се случи, автобусите веднаш ќе почнат да возат. Според нас, фирмата би била избрана кон крајот на наредната недела, иако со сигурност не може да се каже, велат од ЈСП

 

Шесте еколошки автобуси, донација од ЕУ сè уште се во гаражите на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП). Иако, на настанот при нивното примопредавање што се случи на крајот на ноември 2024 година беше најавено дека тие ќе почнат да сообраќаат низ скопските улици за една недела, тоа сè уште не се случи, а оттогаш поминаа речиси два месеца.

Според последните информации од ЈСП, тие најверојатно ќе бидат пуштени во сообраќај на почетокот на февруари.

– Во моментот, во тек е постапка за каско осигурување на автобусите. Чекаме да се избере најповолната фирма. Штом тоа ќе се случи, автобусите веднаш ќе почнат да возат. Според нас фирмата би била избрана кон крајот на наредната недела, иако со сигурност не може да се каже – велат од ЈСП.

За тоа на кои линии еко-автобусите ќе сообраќаат од претпријатието одговорија дека Одделот за сообраќај ќе направи план каде тие ќе бидат пуштени, но нагласуваат дека тие ќе ротираат.

– Ист автобус никогаш постојано не сообраќа на иста траса – децидни се од ЈСП.

Претходно, пак, по самото примопредавање на автобусите, донирани во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“, се појавија помали, но и поголеми грешки во документацијата што во изминатиот период требаше да бидат отстранети.

Така, едноподните автобуси на компримиран природен гас, произведени од турската компанија „БМЦ“, пристигнаа со налепници на кои беа воочени правописни грешки на албански и на македонски јазик, па беа изготвени нови кои, кои, како што соопштија од Министерството за животна средина ќе бидат заменети пред нивното пуштање во употреба.

Но, поголем проблем настана во документацијата поради погрешниот број на шасијата на еден од автобусите, но и поради нивната боја. Наместо црвена била впишана сина.

Поради тоа, на последната седница на Советот на Град Скопје, одржана кон крајот на декември 2024 година, беа повторно изгласани две одлуки за надминување на овој проблем, едната е Одлука за изменување на Одлуката за примање донација од УНОПС, а другата за изменување на Одлуката за пренесување на правото на сопственост на шест автобуси со компримиран природен гас на ЈСП Скопје, со кои се решаваат овие грешки во документацијата.

-Град Скопје и УНОПС на ден 6.8.2024 година потпишаа Меморандум за разбирање, со кој се согласија заедно да работат на проект што има за цел подобрување на јавниот превоз. Донацијата од УНОПС се состои од шест автобуси со компримиран природен гас (ЦНГ), со цел подобрување на јавниот превоз на жителите на град Скопје. Од страна на донаторот УНОПС до Град Скопје беше доставено барање за донација каде што е направен превид со гореизнесените измени, односно бројот на шасијата за еден автобус не одговара целосно со документацијата добиена при испорака, како и бојата – наведуваат од Град Скопје во образложението на одлуките.

Засега се молчи за тоа што се случува со автобусите од марката „соларис“, кои Белград требаше да му ги донира на Скопје, но и на другите градови во  Македонија, кои имаат јавен градски превоз, бидејќи тие ќе набавуваат нови.

И премиерот Христијан Мицкоски, на крајот на ноември, минатата година најави дека Владата ќе набави 100 до 120 електрични автобуси, од кои поголемиот дел за Скопје, но и за другите градови кои имаат јавен градски превоз, за кои тендерот требаше да биде распишан до крајот на 2024.  

– Условите на плаќање ќе бидат такви за да почнеме да ги отплаќаме некаде во првата половина од 2028 година на осум полугодишни рати, што ќе се одвива во период од 4 години или во период од 3 години грејс-период, така што мислам дека ќе биде добро. Го подготвуваме тендерот, техничката документација, очекувам до крајот на годината да се распише – кажа тогаш Мицкоски.

Останува да се види дали тоа ќе се реализира.

(А.П.) 

ИЗДВОЕНИ