Екоавтобусите добија осигурување, од следната недела ќе возат по скопските улици

141

Директорот на ЈСП, Драги Кушовски, истакна за весникот ВЕЧЕР дека веќе нема пречка да почнат тие да сообраќаат по улиците во градот. Тој очекува наредната недела да бидат пуштени во сообраќај, иако на денот на примопредавањето на донацијата, 26 ноември 2024 година, беше речено дека ќе бидат пуштени во сообраќај за една недела, а оттогаш поминаа повеќе од два месеци. Кушовски информираше дека вчера почнале и обуките на возачите за да можат да управуваат со возилата

 

Откако првиот јавен повик за избор на фирма за каскоосигурување на шесте еколошки автобуси, донација од ЕУ, пропадна, Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, конечно, го избра економскиот оператор, со кој е потпишан и договор.

Директорот на ЈСП, Драги Кушовски, истакна за весникот ВЕЧЕР дека веќе нема пречка да почнат тие да сообраќаат по улиците во градот.

Тој очекува наредната недела да бидат пуштени во сообраќај, иако на денот на примопредавањето на донацијата, 26 ноември 2024 година, беше речено дека ќе бидат пуштени во сообраќај за едена недела, а оттогаш поминаа повеќе од два месеци.

Кушовски информираше дека денеска почнале и обуките на возачите за да можат да управуваат со возилата. За тоа на кои линии ќе бидат распоредени еколошките автобуси, тој рече дека се прави анализа за да се види каде се најпотребни. Инаку, шесте еколошки автобуси, донација од ЕУ, се во гаражите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ повеќе од два месеци.

По примопредавањето на автобусите, донирани во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“, се појавија помали, но и поголеми грешки во документацијата, кои требаше да бидат отстранети во изминатиот период.

Така, едноподните автобуси на компримиран природен гас, произведени од турската компанија БМЦ, пристигнаа со налепници на кои беа забележани правописни грешки на албански и на македонски јазик, па беа направени нови, кои, како што соопштија од Министерството за животна средина, ќе бидат заменети пред нивното пуштање во употреба.

Но, поголем проблем настана во документацијата, поради погрешниот број на шасијата на еден од автобусите, но и поради нивната боја. Наместо црвена, била впишана сина.

Поради тоа, на последната седница на Советот на Град Скопје, одржана кон крајот на декември 2024 година, повторно беа изгласани две одлуки за надминување на овој проблем. Едната е одлука за изменување на одлуката за примање на донацијата од УНОПС, а другата за изменување на одлуката за пренесување на правото на сопственост на шесте автобуси со компримиран природен гас на ЈСП „Скопје“, со кои се решаваат овие грешки во документацијата.

– Град Скопје и УНОПС на ден 6.8.2024 година потпишаа меморандум за разбирање, со кој се согласија заедно да работат на проект што има цел подобрување на јавниот превоз. Донацијата од УНОПС се состои од шест автобуси со компримиран природен гас (ЦНГ), со цел подобрување на јавниот превоз на жителите на Град Скопје. Од донаторот УНОПС беше доставено барање до Град Скопје за донација, каде што е направен превид со гореизнесените измени, односно бројот на шасијата за еден автобус не одговара целосно со документацијата добиена при испораката, како и бојата – наведуваат од Град Скопје во образложението на одлуките.

Засега се молчи за тоа што се случува со автобусите од марката „соларис“, кои Белград требаше да му ги донира на Скопје, но и на другите градови во Македонија што имаат јавен градски превоз, бидејќи тој ќе набави нови.

И премиерот Христијан Мицкоски, на крајот од ноември минатата година, најави дека Владата ќе набави 100-120 електрични автобуси, од кои поголемиот дел за Скопје, но и за другите градови што имаат јавен градски превоз, за кои тендерот требаше да биде распишан до крајот на 2024 година.

– Условите за плаќање ќе бидат такви што ќе почнеме да ги отплаќаме некаде во првата половина од 2028 година, на осум полгодишни рати, што ќе се одвива во период од четири години или во период од три години грејс-период, така што мислам дека ќе биде добро. Ги подготвуваме тендерот, техничката документација, очекувам до крајот на годината да се распише – кажа тогаш Мицкоски.

Останува да се види дали ќе се реализира тоа.

(А.П.) 

 

 

ИЗДВОЕНИ