Еко-туризмот може да биде еден од важните локални економски двигатели за регионот

81

Еко-туризмот може да биде еден од важните локални економски двигатели за регионот. Потенцијалите кои што ги има Пелистер се огромни, добро познати на сите, но, се недоволно искористени.

Ова го истакна градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски на вчерашната средба на Советот на засегнатите страни, во организација на Националниот парк „Пелистер’, на која беше промовирана и Студија за развој на летниот и зимскиот туризам на Пелистер, финансирана од Општина Битола со одлука на Советот на
општината, согласно Програмата за туризам.

-Она што го нуди оваа студија, треба да придонесе прво да ги согледаме потенцијалите кои што ги имаме, но и она што не сме свесни дека постои. Да ги сублимираме европските искуства во овој дел на развојот на туризмот и да направиме една сеопфатна студија, која ќе ги укаже потенцијалите имајќи го во предвид еколошкиот пристап во делот на развојот на туризмот, развојот на заедницата, локалниот економски развој, а еден од двигателите за локалниот економски развој се потенцијалите кои ги нуди туризмот. Сите заедно треба да направиме нешто за целиот регион, бидејќи Пелистер не е само на Битола, туку и на целиот регион“, изјави Коњановски.

Директорот на НП „Пелистер“, Иванчо Тошевски, пред присутните ги истакна предизвиците со кои како национален парк се соочуваат во овој период, плановите за работа во 2025 година и целосното воспоставување на систем на планински патеки.

Пред присутните беа презентирани новата веб страница и новото брендирање (лого) на НП „Пелистер“.

Еден од изработувачите на студијата, проф. д-р Сашо Коруновки, посочи дека вредностите на Пелистер треба да се користат, но не да се искористат, туку да се зачуваат и за идните генерации.

-Студијата користи инклузивен пристап и пред се има за цел да овозможи успешен туризам не само на Пелистер, туку и на Битола. За развој на туризмот е потребна одржлива инфраструктура и добра продажба, односно добро понудени потенцијали на туристите – заклучи Коруновски.

На средбата присуствуваа и професори, советници во Советот на општина Битола и љубители на Пелистер.

ИЗДВОЕНИ