ЕКО СРЕДА, ШТО АКО…? После маглата

91

Сонцето полека лазе по хоризонтот и ја потопува прекрасната долина на реката Вардар во златна светлина. Патот е груб, а нашиот камион „разнесе“ долга опашка од облак прашина зад нас. Возиме по остатоците од стариот автопат меѓу Куманово и Скопје, кон стариот центар на главниот град, или барем она што остана од него.

Овие стари југословенски згради кај населбата Автокоманда се навистина неуништливи, но и таму сите прозорци ги нема, а зградите се смеат со насмевка без заби, покриени со темнокафеава прашина, треперејќи на утринското сонце.

Смртоносна тишина – нема птици, ниту звуци на патот кон МРТВ, каде што половина од црните фасади одамна паднаа, а половина од зградата изгоре.

Откако ја поминавме целосно автоматизираната безбедносна проверка со нашите специјални картички за пристап, патиштата уште повеќе се истрошија и моравме да го забавиме нашиот пионерски камион до брзина на пешаците. Да, јас и моите колеги денес треба да земеме примероци со сонди од почвата, прашината, водата – ако најдеме – и од бетонот на зградите. Во последните 80 години овие тестови ги правеше научниот корпус на СЗО на годишно ниво за да се измери количеството на токсини во атмосферата и во земјата со цел да се интерполираат можностите за ревитализација на поранешната престолнина на Македонија. Но, да бидам искрен, резултатите од тие тестови не ветуваат брза промена наскоро.

Тоа беше кратко време откако маглата го зафати градот: било крајот на октомври и грејната сезона започнала. Градот и неговите жители веќе биле навикнати на мирисот на изгорена пластика и црниот чад што излегувал од домаќинствата. Во тие денови најевтиниот начин да се загрее куќата било со дрва и пелети. Ниту на луѓето, ниту на властите веќе не им било грижа дали овие материјали за греење се според еколошките стандарди, иако биле полни со пластика и друг хемиски отпад и создавале отровен коктел во воздухот. Со текот на годините загадувањето станувало сè поголемо, а протестите сè поретки. Институциите не знаеле како да реагираат, бидејќи политичарите се плашеле да не ги загубат изборите со спроведување посилни закони за животна средина и затоа тивко го прифатиле бизнис-моделот на согорување евтини и отровни материјали. Луѓето кои ги користеле овие материјали немале парична можност да го променат системот за греење во поеколошки, а бизнисите кои живееле од продажбата на евтините материјали за греење се грижеле само за одобрувањето и потписите од моќниците, кои сакале да добијат свој дел од „тортата“.

Така сите ја прифатиле ситуацијата што секоја година станувала сè полоша и полоша. Се разбира, имало гласови од населението кои демонстрирале – понекогаш и многу гласно, но никогаш долго, бидејќи на мнозинството од големиот град не им било грижа. Додека во соседните земји загадувањето се намалувало, тука се зголемувало со иста брзина. Статистиката не им пречела веќе на луѓето – имало години кога 7.000 луѓе годишно умирале од загадениот воздух во зима – а, во некои години дури и 15.000 – но медиумите се погрижиле да известат дека тоа биле само стари и луѓе од ранливи групи.

Но, сè се променило кога настапила големата магла.

Старата фабрика, иако долго време не била активна, сепак содржела огромна депонија од токсичен отпад што не била исчистена ниту од сопствениците, ниту од властите.

Но, она што луѓето тогаш го игнорирале бил фактот дека изворот што го снабдувал градот со повеќе од 90 % вода за пиење, минувал само неколку метри под таа фабрика.

Било обичен ден, кога се случил земјотресот. Само 3,8 степени според Рихтеровата скала без голема штета – барем не значајна.

Но, под таа огромна депонија од хемиски отпад се отворила мала пукнатина – не поголема од 10 сантиметри точно надолу, каде што поминувал изворот. Низ оваа пукнатина полека, но постојано протекувале токсичните материи директно во водата.

Бидејќи луѓето се навикнале на загадувањето, мислењето на владата било едноставно: буџетите се трошеле само за инфраструктура како автопатишта и поставување на националистички романтични статуи и лажни фасади со историски изглед. Но, никој не се сетил да ја реновира инфраструктурата од презастарената водоводна мрежа и канализација, како и нивниот систем за надзор за редовно мерење на квалитетот на водата. Така, загадената вода течела со недели и месеци во водоводниот систем на главниот град. По неколку недели луѓето почнале да се жалат на чудни воспаленија и други болести поврзани со бубрезите и црниот дроб, а владата објавила дека има нов вирус наоколу и дека сите треба да носат маски и да останат дома.

Но, како што случаите станувале сè почести, некои лекари објавиле студии со кои докажале дека луѓето се затруени со шествалентен хром и други хемикалии. За само неколку недели повеќе од 20.000 луѓе се разболеле, потоа 50.000 и на крајот повеќе од 300.000 – половина од населението на стариот главен град претрпело благи до тешки симптоми на оштетување на органите.

Кога тогашните политичари конечно прифатиле дека труењето доаѓа од водата и отровниот отпад на старата фабрика, ја прекинале дистрибуцијата и целиот град останал без вода. Но, бидејќи старите цевки не биле одржувани, некои од нив нè го издржале притисокот и пукнале. Токсичната вода ги поплавувала улиците и парковите. Толку отровна што сите тие хемикалии влегле длабоко во почвата.

Додека ги поправиле сите цевки, поминале неколку месеци и конечно премиерот официјално прогласил крај на кризата. Дотогаш починале повеќе од 80.000 луѓе.

Но, дошло летото.

Било топло и во текот на ноќта, кога температурите малку се спуштале, овие хемикалии почнале да реагираат и создале густа, темносива магла која полека талкала низ градот. Сите кои го дишеле во овој токсичен коктел изгубиле свесност за нецела минута, а кога биле изложени повеќе од 10 минути на оваа смртоносна магла, оштетувањата на белите дробови и органите за дишење биле непоправливи. На оние кои биле изложени подолго од 15 минути, им запирало срцето. Во првите 5 ноќи повеќе од 70.000 луѓе починале, а останатите имале сериозни здравствени проблеми. Тоа бил моментот кога Светската здравствена организација го прогласила градот за зона на еколошка катастрофа и изградиле ограда на источната и западната страна од долината на Вардар, целосно блокирајќи ја областа. Се разбира, не си заминале сите луѓе, но биле лути затоа што уништувањето било неизбежно и немало спас. Маглата станала толку интензивна што веќе ни сончевите зраци не продирале низ неа. Старата престолнина била во темнина.

Денеска зедовме примероци од старото корито каде течела реката Вардар. Заради опустинувањето, со текот на годините реката станувала сѐ помала и помала и конечно целосно исчезнала. Интересно е што ова не се должи на климатските промени, туку на фактот дека луѓето ги сечеле и палеле шумите за евтини материјали за греење во зима и никој не чувствувал одговорност повторно да засади нови дрвја.

Онаму каде што дрвјата биле целосно исечени, почвата станала ерозивна и скоро целата земја станала пустина. Ќе беше лесно да се направи нешто против ова, но тогашните политичари повеќе се занимавале со секојдневни дискусии за тоа кој има културен врв во државата, наместо да решаваат вистински проблеми.

Од друга страна: приказната за катастрофата на стариот главен град на Македонија денес се учи во училиштата ширум светот како пример за тоа како експериментот со бавно варење на жабите е применлив и за луѓето и дека никогаш не треба да ја правиме оваа грешка – повторно.

Ако граѓаните на стариот главен град ја имаа таа лекција на училиште пред 80 години, тогаш ќе имаше луѓе тука што живеат.

ИЗДВОЕНИ