Трагајќи низ „сообраќајот“ од содржини, наидов на поткаст каде што водителот со мелодичен и мек глас чита приказни за лека ноќ, поделени во три категории: за деца, за возрасни и за сите. Го слушав расказот што го напишале заедно познатиот францускиот писател Жил Верн и неговиот син Мишел, насловен „Во годината 2889“. Објавен во февруари 1889 година, расказот предизвикува голем интерес сè до ден- денес. Жил и Мишел Верн прават импресивни и имагинативни предвидувања за иднината илјада години подоцна како, на пример, видеоконференции, испорака на оброци дома, летачки автомобили, реклами проектирани на облаци… Денес, повеќето од овие нивни предвидувања се реалност, и тоа само 100 години подоцна.
Овој расказ е доказ за моќта на идеите и визиите. Мишел имал жива имагинација. Тој и неговиот татко заеднички ги преточиле своите идеи во зборови на хартија и многу од нив, неколку децении подоцна, станаа реалност.
Тоа ме потсети на визијата и на идеите што ги имавме сите ние во однос на нашата земја, конкретно чиста река, вратена во живот по повеќе од 50 години сериозно загадување, на која ѝ се вратиле пулсот, моќта, бистрината, ширината, длабочината и достоинството. Но, прво една мала лекција по географија, чисто за потсетување.
Вардар, најголемата река во Македонија, долга 388 км, со речен слив што изнесува приближно 25.000 км². Тече низ цела држава, почнувајќи од Вруток, Гостивар, низ Полог, цело Скопје, долината во Зелениково и Велес, Гевгелија, сè до спојувањето со Егејското Море во Грција. Река гордост на сите нас и симбол на животворност.
Пред 130 години, првиот канцелар на обединета Германија, Ото фон Бизмарк, рекол: „Кој ја контролира долината на Вардар, тој ќе биде господар на Балканот“.
Очигледно, некој ѝ се навратил на историјата и ја сфатил сериозноста на таа негова изјава и порака.
Не беше многу одамна кога беше Вардар задушен во отпад, преплавен со канализациски сиви води, затруен со отпадни хемикалии и прогласен за една од најзагадените реки не само во регионот туку и во Европа. Во реката, освен фекалии, се испушташе и комунална вода од домаќинствата, непречистени отпадни води од млекарниците, погоните за сувомесни производи, од производството на јајца, кожарската индустрија, металургијата и други. Не многу одамна, сведочевме дека пливаа бесконечен број пластични шишиња по површината на реката. Луѓето се плашеа да се доближат до водата и да имаат контакт со неа. Вардар беше тажна, смрдлива и позеленета река од загаденост.
И Париз се соочуваше со истиот проблем на загаденост на реката Сена, иако, како и во Скопје во минатото, капењето во овие водни текови било сосема нормална работа. Но, поради многу фактори, повеќе од 100 години Сена (а Вардар повеќе од 50 години) не беше достапна за ниту еден пливач рекреативец. Сепак, градските власти во Париз го оживеаја стариот обичај и вложија многу во подобрувањето на квалитетот на водата.
Веројатно, и нашите власти, инспирирани од овој пример и „притиснати“ од барањето на граѓаните да им се врати реката во целосно здравје, бистрина и бујност, се зафатија со сериозни мерки за нејзино чистење. На сите куќи и производствени објекти покрај реката им се забрани испуштање отпадни води директно во реката и беа инсталирани најнови системи за третман на сивите води. Откако се постави инфраструктура за собирање на отпадот во сите села низ кои минува реката и редовно се собира отпадот од страна на општинските комунални претпријатија, бројни волонтери, поддржани од општините, влегоа во реката и ја исчистија од отпадот. Тоа траеше со седмици. Сериозно се санкционираат загадувачите, а на многу места по текот се инвестираше и во природни собиралишта на водата и паркови што примаат дел од водата кога поплавува, што беше идеја за сунѓер град.
Она што било една од омилените активности на жителите на Скопје во минатото, некаде во 50-тите и во 60-тите, па и во 70-тите години на минатиот век, денес е повторно тука. Скопјани се рекреирале, пливале во реката, а една од главните атракции било пуштањето тракторски гуми по водите на Вардар, почнувајќи од Ѓорче Петров, сè до центарот на Скопје, каде што биле плажите.
Утрово бев на прошетка по кејот во центарот на градот, под Камениот мост и пешачев кон Градскиот парк. И она што беше недостижно, незамисливо и научна фантастика пред само неколку години, денес е реалност и жителите на Скопје го живеат. Толку далечни се чинат годините кога се плашевме да ставиме и стапало во реката, поради нејзината загаденост. Денес, сведочев за еден сосема нов Вардар, со чисто речно корито, чиста вода со здрава сивкаво-зеленкаво-сина боја, со обновени и организирани градски плажи, облагородени со зеленило и со соодветни садници. Плажите на двата брега се со ситен песок за пешачење, играње, релаксација и пикник. Таму се активни и спортските терени за одбојка на песок, како и отворените културни центри, каде што се случуваат повеќе забавни настани – од мини концерти на македонски артисти до театарски претстави, изложби, филмски проекции… Па дури и во текот на денот, додека го пиете кафето, може да ги видите делата на многу домашни уметници.
Пикник-концептите се дозволени, но не и скара, бидејќи прописите се строги кога станува збор за огнот на отворено. Секој еден граѓанин е задолжен да го селектира отпадот и да го фрли во соодветните садови поставени на секои 10 метри.
Домашните миленици имаат свои катчиња во необработените делови од речниот брег, но нивните сопственици мора да внимаваат на мирот и на другите посетители на плажите.
Пливањето во водите на реката Вардар е одобрено, но и за тоа има правила, кои се ажурираат од локалните власти во зависност од висината на водата во реката во тој период и од интензитетот на речната струја.
За мене, најубавиот дел се малите градини лоцирани покрај реката во населбите Влае и Ново Лисиче, каде што секој еден од нас може да изнајми неколку квадратни метри и да си насади и да одгледува сопствен зеленчук или зачински билки.
Благодарение на заедничките заложби на граѓаните и на институциите, од река во умирање, Вардар е претворен во чиста река, без отпад, без хемикалии, вистински и здрав крвоток на оваа земја.
Сега со гордост може да кажеме дека реката е наша виталност, плодност и живот, проток на енергија, раст и обновува.