Челниците на Денвер го отпуштија Мајкл Мелоун по десет години и покрај тоа што го донесе првиот шампионски прстен на тимот од Колорадо во 2023 година. Како што пишуваат американските медиуми, атмосферата во соблекувалната на Нагетс веќе некое време е лоша, Никола Јокиќ е фрустриран од недостигот на посветеност и имало кавга меѓу Мелоун и генералниот менаџер, Келвин Бут, кој, исто така, беше отпуштен.
Сепак, оваа одлуката изненади многумина, бидејќи не се случува често клубовите да ги отпуштат тренерот и генералниот менаџер непосредно пред почетокот на плејофот. Моментално Денвер е на четвртото место и може да скокне на третото или да падне на осмото, но, очигледно, Џош Кренке не сакаше да „го преземе тој ризик“ и да донесе одлука врз основа на резултатите, што не е баш типично во НБА.
Тоа му пречеше на легендарниот Шекил О’Нил, кој беше многу груб кон Нагетс.
- Искрено посакувам да беше направено ова малку попрофесионално. Мајкл Мелоун е најуспешниот во историјата на Денвер, освои титула, а можеше да освои уште една сезонава. Потенцијално би можел. Мора да имате предност на домашен терен и токму сега ја имате. Затоа порака до сите вас, идиоти, таму што мислите дека сè треба да оди без проблеми за да ја освоите титулата – тоа не е точно – рече тој во една програма во живо, откако се појави веста.
Користејќи личен пример, тој објасни дека ретко се случува сè да функционира во текот на целата година.
- Тоа едноставно не е точно. Можам да ви го кажам тоа со сигурност. Мојата прва титула беше освоена лесно. За втората воопшто не беше така. За третата беше тешко, а кога ја освоив титулата со Мајами, бевме ужасни цела година. Требаше да го остават до крајот на сезоната, да видат што ќе биде, а потоа да одлучат – објасни О‘Нил и додаде дека Мелоун постојано имал проблеми со повредени кошаркари, фактор што не смее да се игнорира.
Сепак, сезоната сè уште трае и ќе видиме што може да промени Дејвид Аделман, кој ќе биде в.д. тренер, по што ќе биде донесена одлука за нов шеф.