ЕК: Затворањето на украинскиот вентил нема да ја остави Европа без гас

39

Нема загриженост за снабдувањето со гас, објави Европската комисија по повод затворањето на вентилот за руски гас.

„Снабдувањето со гас е обезбедено преку алтернативни патишта (Германија, Италија) и повлекување од складиштата. Европската гасна инфраструктура е флексибилна да прифаќа гас од неруско потекло“, се вели во соопштението на ЕК.

Се наведува и дека новите капацитети за увоз на течен природен гас се значително зајакнати од 2022 година.

„Нивото на резервите од 72 проценти е малку над просекот (69 проценти) за овој период од годината. Комисијата одржува редовен мониторинг и комуникација со земјите членки и учесниците на пазарот, за да обезбеди сигурност на снабдувањето на најпогодените земји членки и да спречи шпекулации“, се заклучува во соопштението.

Договорот за транзит на руски гас преку Украина истече на 31 декември 2024 година. Веќе следниот ден, на 1 јануари, Украина соопшти дека транзитот на руски природен гас низ нејзината територија е суспендиран од 7 часот утрото по локално време, поради „националната безбедност“. Потегот на киевското Министерство за енергетика уследи по истекот на петгодишниот договор меѓу „Гаспром“ и украински „Нафтогас“.

Затворањето на најстарата руска рута за гас за Европа стави крај на еднодецениските тензични односи предизвикани од руското заземање на Крим во 2014 година. Украина престана да купува руски гас следната година.

-Поради постојаното и јасно изразено одбивање на украинската страна да го обнови договорот за транзит, „Гаспром“ е лишен од техничката и од правната можност да испорачува гас за транзит низ територијата на Украина од 1 јануари 2025 година, објави руската компанија на мрежата „Телеграм“.

Но, прекинот на испорака на руски гас преку Украина експресно ги качи цените на овој енергенс. Големопродажната цена на гасот се искачи на највисоко ниво во последните 14 месеци, објави британски „Гардијан.

Транзитот на гас преку Украина беше приближно половина од вкупниот руски извоз на гас преку цевководи до Европа. Русија сè уште извезува гас преку гасоводот „Турски тек“.

ИЗДВОЕНИ