ЕК води 10 истраги против Икс, Тик-ток, Мета, Али Експрес и Тему

32

Европската комисија покрена 10 истраги против социјални мрежи поради сомневање дека ги прекршиле европските правила со нивните активности. Ова го соопшти потпретседателката на Европската комисија и еврокомесар за безбедност и демократија, Хена Виркунен, на сослушувањето во Европскиот парламент во Стразбур, посветено на обидите за надворешна интервенција во ЕУ.

-Демократијата е загрозена од надворешно мешање, рече Виркунен, наведувајќи примери на Фејсбук, Инстаграм и ТикТок, додавајќи дека слободните и фер избори се темелот на европската демократија.

Според неа, европското законодавство воведува јасни одговорности за онлајн платформите со потреба од наметнување мерки и промена на алгоритми за надминување на заканите.

-Ова не е цензура, туку оперативен механизам за отстранување на содржина која е неприфатлива според европското право, која ја штити слободата на изразување, објасни таа.

Виркунен истакна дека Комисијата поведе една истрага против Икс, три против ТикТок, една против Али експрес, две против Мета и една против Тему.

Таа додаде дека во последните денови ЕК побарала од Икс да почне со зачувување на податоците за промени во алгоритмот за препораки за содржина. Вчера, извршниот потпретседател на ЕК, Стефан Сејурин, изјави дека ЕУ би можела да ја казни, да ја суспендира или дури и да ја забрани платформата Икс, поранешен Твитер, сега сопственост на Илон Маск, ако не ги почитува правилата на блокот.

ИЗДВОЕНИ