Европската комисија упати ново барање до социјалната мрежа ТикТок во кинеска сопственост итно да обезбеди информации во рок од 24 часа во светлината на откритијата во декласифицираните романски разузнавачки документи.
„Комисијата испрати уште едно барање за информации на „ТикТок“, овојпат барајќи коментари за прашањата покренати во разузнавањето што ги декласифицираа романските власти, како и информациите споделени од „ТикТок“ и преземените дејствија“, рече портпаролот на Комисиите Томас Рение.
„Загрижени сме поради зголемениот број на показатели за координирано странско влијание на Интернет на романските избори, особено на ТикТок“, додаде Рение.
Тој потенцира дека ТикТок има рок од 24 часа да даде одговор на барањето, како и да преземе мерки за спротивставување на ваквите „информативни операции“ пред вториот круг од претседателските избор во Романија закажан за в недела.
Барањето е упатено врз основа на Законот за дигитални услуги на ЕУ, но како што посочи Европската комисија, тоа се однесува само на активностите на ТикТок, а не и на изборениот процес во Романија, прашање кое е на „романските власти и на крајот на романскиот народ“.
Денешното барање следи откако Комисијата вчера му нареди на ТикТок да ги „замрзне и зачува податоците поврзани со реалните или предвидливите системски ризици, што нејзината услуга може да ги претставува за изборните процеси и граѓанскиот дискурс во ЕУ“.
– Ова е направено за да се зачуваат достапните информации и докази во случај на понатамошна истрага на Комисијата за усогласеноста на ТикТок со неговите обврски според Законот за дигитални услуги, посочи ЕК.