Ексклузивно за ВЕЧЕР! “Мајка ми Стана беше целата пријатно вознемирена, татко ми Владо со полно срце, а јас и брат ми Драган палави, не можејќи да го дочекаме празничниот 1-мајски ручек на некој зелен тревник надвор од градот Сараево. Носевме полни кошнички со разновидни јадења и пиења”!
(Дуле МИЌИЌ)
Зарем треба нешто да се раскажува за мегаѕвездата Здравко Чолиќ, нешто што би личело на некојси вовед или некакво објаснување за него и неговата фасцинатна 50-годишна музичка кариера?! Навистина не треба ништо од тоа. Доволно е само да се каже Чолиќ или нагалено Чола и сè станува потполно јасно. Миленикот на македонската публика, а најмногу на девојките и жените, наредниот месец со првите летни горештини во Скопје на 2, 3 и 4 јуни, во арената „Борис Трајковски“, ќе одржи концерти (во организација на „МК-Тикетс“), сите до еден распродадени и покрај скапите влезници, а кои беа одложени поради ужасната трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Поради поинаков формат на концертите, арената „Борис Трајковски“ ќе биде исполнета исклучиво со места за седење, што значи свесно со намален капацитет.
0 Здравко, по пауза од цели шест години се враќаш во Скопје во онаа професионална смисла, иако приватно знаеш честопати да бидеш присутен во македонската метропола, од разно-разни причини
-Хахахаааа, сè си знаеш за мене, но нема сите тие работи да ги откриваме, мора нешто да остане и непознато, нели? Да, јас го сакам Скопје! Тоа е вистина. Во овој убав град имам многу пријатели. Доаѓав често и на некои родендени, некои свадби, некои веселби, другарувања, ама сè во рамките на приватноста. Тука живееше и мојот најдобар некогашен менаџер Велибор Џаровски-Џаро, кој, за жал, во меѓувреме почина. Ќе се потрудам сега кога ќе бидам во Скопје, да најдам време да отидам на неговиот гроб. Многу, многу спомени ме врзуваат со легендарниот Џаро.
Кога некое време живеев во некогашното скопско „Олимпсиско село“, Џаро секое сабајле знаеше да ме буди со првото кафе, секогаш носејќи ми го за читање токму весникот ВЕЧЕР. Затоа и знам да кажам со задоволство дека вашиот весник е за мене „стариот добар ВЕЧЕР“. Секоја чест што опстанувате во овој денешен толку несигурен медиумски простор. Го читав ВЕЧЕР без проблеми од првата до последната страница иако е на македонски јазик. Воедно, Џаро беше иницијатор за мојата соработка со славната женска танчарска група „Локице“. Премиерно со „Локице“ се појавив на сцената на „Загрепскиот фестивал“ во 1977 година со песната „Живиш у облацима мала“. Не победив, убедливо ме победи легендарната Тереза Кесовија, инаку мојата најомилена колешка и пејачка. Но, таа песна стана голем хит кој и денес го пеам на моите концерти, а публиката феноменално реагира на песната. Има брз ритам и запалив рефрен, вели музичката ѕвезда за весникот ВЕЧЕР.
0 Твоите скопски концерти по многу нешто ќе се разликуваат од оние претходните? Раскажи ни малку за тоа…
-Овој пат имам сосема поинаква концепција. Доаѓам со 50 врвни музичари, големите инструментални солисти на новосадскиот „Биг-бенд“ и Оркестарот на операта на „Српското народно позориште“ од Нови Сад. Песните кои ќе ги пеам се добро познати, но сега „преоблечени“ во сосема ново руво. Новите аранжмани се приспособени за оркестар, а ги подготви познатиот диригент Федор Вртачник. Целосно му ја препуштив довербата за таа ексклузивна музичка приказна. Скопските концерти се случуваат по истите такви кои ги имав во Љубљана, Пула, Бања Лука, Риека, Белград и Загреб. На публиката сето тоа многу ѝ се допаѓа, па дури на шега имаше коментари дека некои од песните одвај успеваа да ги препознаат. Што значи, внесовме одлична свежа промена во мојот репертоар.
0 Дали и Ти секогаш со големо задоволство си ја пееш преубавата песна „Тебе чувам за крај“(Tebe čuvam za kraj
Tebe ću ljubit do kraja života Kad nebo stane, ja neću stati Pogledaj dobro u moje oči Ja nemam drugo, sebe ću dati Tebe ću ljubit do kraja života…) a, која има и одлична видеоприказна?-Преубава е песната, балада која освојува уште при првото слушање. И мене ми е мила додека ја пеам. Спотот изобилува со сензуалните сцени, со магијата, со дискретни провокации, со заведувањата помеѓу мажот и жената. Целата таа приказна е за брачната двојка која поминува низ кризни интимни искушенија. Гледачите ги држи во неизвесност до самиот крај на спотот. Одличната режија е на Александар Керекеш.
0 Знам, многумина ќе речат дека сме „југоносталгичари“, дека со радост се сеќаваш на празниците кои тогаш имаа особено значење и смисла на постоење, како на пример и овој празникот 1 Мај
-Први мај во моето семејство секогаш имаше посебно значење, впрочем како и 29 Ноември. Јас потекнувам од едно карактеристично скромно четиричлено југословенско семејство. Татко ми Владо беше офицер во Министерството за внатрешни работи, а мајка ми Стана вредна домаќинка. Ме воспитуваа во тој југословенски дух во кој превладуваат другарувањето и меѓусебното почитување. Па, така и за 1 Мај секогаш одевме на тој традиционален „уранак“ со роднините и пријателите. Додуша, тоа се случуваше наредниот ден на 2 Мај, а јас како дете ги памтам тие настани. Носевме полни кошнички со разновидни јадења и пиења. Мајка ми беше целата пријатно вознемирена, татко ми со полно срце, а јас и брат ми Драган палави, не можејќи да го дочекаме празничниот ручек на некој зелен тревник надвор од градот Сараево. Ех, тие убави времиња! Премногу ми недостасуваат и родителите и времињата. Впрочем, ми недостасува празникот 1 Мај како таков, а кој го поврзувам и со споменот за родителите, раскажа големата пејачка ѕвезда. фото: архива