Поради драматичната ситуација и заканата од нови земјотреси, повеќе од 6.000 луѓе, од вкупно 20.000 жители колку што има во текот на годината, го напуштиле грчкиот остров Санторини и веќе нема сомнеж дека во тек е своевиден егзодус.
Жителите заминуваат со фериботи, бродови, авиони, поради што бројот на летови, од вообичаените два до три во овој период од годината, е зголемен на дури 15. Улиците изгледаат страшно, а очевидци јавуваат дека граѓаните кои не се евакуирале се плашат да останат во своите домови, па многумина седат во паркираните автомобили.
Светските медиуми пишуваат дека Санторини никогаш не видел вакво нешто.
Во изминатите три дена Грција беше погодена од дури 550 земјотреси во регионот меѓу Санторини, Аморгос и Џос, од кои три беа посилни од 4,8 степени според Рихтеровата скала. Поради можно цунами, властите ги предупредуваат луѓето да останат што подалеку од брегот, но Санторини е мал остров и нема многу простор „во внатрешноста“. Училиштата ќе останат затворени до петок. Премиерот Киријакос Мицотакис ги повика жителите „да останат смирени, додека властите се справуваат со многу интензивен геолошки феномен“.
Вчера наутро четири земјотреси се регистрирани во морското подрачје, југозападно од Санторини, од кои најсилниот бил со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала.
– Сѐ е затворено. Сега никој не работи. Цел остров се испразни – сведочи Дори (18) за Ројтерс.
Официјални лица процениле дека интензивната сеизмичност во регионот може да трае уште неколку дена, па дури и една недела, а Манолис Скордилис, професор по сеизмологија на Универзитетот Аристотел во Солун, процени дека ситуацијата на Санторини е исклучително сериозна и дека можни се земјотреси со јачина над шест степени по Рихтеровата скала. За денеска е закажан нов состанок на научниот комитет за проценка на сеизмички ризик.
Земјотресите се чести, но не и силни
Бидејќи се наоѓа во близина на границата на масивните африкански и евроазиски тектонски плочи, за Санторини земјотресите не се чудна појава, но речиси постојаните сеизмички настани како овој се ретки. Островот е познат по својата калдера, кратер во облик на чинија, создаден од вулканска ерупција, која настанала во една од најголемите познати експлозии пред околу 3.600 години. Последниот голем земјотрес, со јачина од 7,5 степени, го погоди Санторини во 1956 година, при што загинаа најмалку 53 луѓе, а беа повредени повеќе од стотина.