EPA-EFE/ADAM DAVIS

Најдобриот кошаркар на Минесота, Ентони Едвардс, ја шокираше јавноста со една изјава.

Едвардс е познат како голем љубител на американскиот фудбал (НФЛ-лигата), кој сега отиде чекор понатаму. Суперѕвездата на НБА-лигата рече дека ќе се префрли да игра во НФЛ-лигата доколку го освои шампионскиот прстен во светот на кошарката.

Тој смета дека на кошаркарите им е полесно да преминат во американскиот фудбал отколку обратно и дека е подготвен да го тестира тоа.

  • Фудбалерите не може да се префрлат на играњето кошарка. Нема шанси! Им реков на пријателите: „Ако го освојам прстенот во следните 3-4 години, ќе играм фудбал – изјави Едвардс.

Минатата сезона, младиот кошаркар ја предводеше Минесота до финалето на Западот, каде што беше поразена од екипата на Далас. Тој летово, со репрезентацијата на САД, го освои златниот медал на Олимписките игри во Париз.

Роден е во Атланта, а по една година во НЦАА-лигата, во тимот на Џорџија, Минесота го зеде како прв пик на драфтот во 2020 година. Ја понесе титулата дебитант на годината, веднаш покажа одличен квалитет, а минатата сезона имаше просек од 25,9 поени, 5,1 асистенции и 5,4 скока на меч. Што се однесува до американскиот фудбал, Едвардс не играл од средношколските денови, што значи дека последен пат бил на теренот пред својот 12. роденден. Сепак, тој е убеден дека би успеал во НФЛ.

  • Можев да бидам професионалец во американскиот фудбал. Бев многу добар, бев најдобар бек во земјата кога имав девет или десет години. Престанав да играм американски фудбал, затоа што ги видов моите браќа како играат кошарка и ми се чинеше позабавно во тоа време – изјави Едвардс за „SB Nation“.