Едукативна недела во НП „Галичица“

7

Од 4 до 8 ноември, во НП „Галичица“ ќе биде реализирана едукативна недела во рамките на која секој ден ќе биде опфатена различна тематска содржина. Едукативната недела започнува со „Истражуваме во природа“, активност што ќе биде реализирана од Ангела Тасеска-Михајловска и што е наменета за учениците од петто до деветто одделение.

Следни се „Екосистемските услуги“ со Константин Здравески од Здружението за екологија „Екоменлог“, работилница наменета за учениците од средното образование. „Учиме за кафеавата мечка“ ќе се реализира на 6 ноември, а нешто повеќе за неа, со што се храни, зошто е значајна, дали е заштитена во нашата земја, нејзината биологија, екологија и како се врши мониторинг ќе објаснат Дарко Китаноски и Наум Илиески од „Екосвест“ од Вевчани.

За пештерите и лилјаците во НП „Галичица“ ќе зборува наставничката по географија, Татјана Пуцоска- Бунчевска, на 7 ноември, а работилницата е наменета за учениците од петто до деветто одделение.

Неделата со едукативни предавања завршува на 8 ноември, со предавањето „Паметно и безбедно однесување во планина” од Димитри Димитров, долгогодишен искусен планинар. Оваа работилница е наменета за учениците од трето до шесто одделение.