Трансфер на напредно знаење и практични искуства за најновите меѓународни стандарди за финансиско известување(МФСИ) заради нивна ефикасна примена во нашата земја, беше главната цел на стручната работилница што се одржа во Скопје, од 12 до 15 ноември 2024, во организација на Центарот за реформа на финансиското известување на Групацијата на Светска банка и Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС).

– Одржувањето на оваа четиридневна стручна работилница уште еднаш покажа дека континуираната едукација има навистина големо влијание и може значајно да го подигне квалитетот на сметководствените услуги. Овој настан беше одлична можност за претставниците на лиценцираните друштва за вршење обуки, на сметководствените бироа и на надлежните институции во областа на финансиите да се запознаат со новините во меѓународните стандарди за финансиско известување, да слушнат практични примери и искуства од нивната примена и истовремено да добијат одговори на дилемите и предизвиците со кои се соочуваат во својата секојдневна работа – изјави претседателката на ИСОС Весна Прентоска, искажувајќи благодарност до експертите што ја вршеа обуката, како и до претставниците на Центарот за реформа на финансиското известување на Групацијата на Светска банка, за нивните улога и посветеност во успешното организирање на оваа работилница.

Претставниците на Центарот за реформа на финансиското известување на Групацијата на Светска банка имаа средба и со членовите на Управниот одбор на ИСОС, на која се разговараше за актуелните состојби и предизвиците со кои се соочува сметководствената професија во земјата, а се разгледаа и можностите и областите за натамошно продлабочување на соработката помеѓу двете организации, во насока на натамошно зајакнување на капацитетите на сметководствената професија, зголемување на квалитетот на финансиското известување и унапредување на статусот на професионалните сметководители во нашата земја.