Повеќе од една недела гори прилепската градска депонија кај селото Алинци. Со денови гаснат комуналците, пожарникарите, а на помош се и фирмите. Досега, сето е сведено на жаришта што сѐ уште тлеат. Од прилепски „Комуналец“ велат дека намерно се пали депонијата.
– Во моментов гори стар отпад од пред повеќе години. Секаков вид отпад од индустриската зона. Се сомневаме дека е во прашање човечки фактор. Намерно подметнат пожар во депонијата. Голема е штетата, особено за загадувањето и за здравјето. Опасност е за здравјето и при онака загадениот воздух – вели Рубин Абрашоски, директор на прилепското јавно-комунално претпријатие „Комуналец“.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, вели дека е под контрола ситуацијата.
– Лично бев на терен со надлежните служби, каде што со максимални напори и непрекината работа правиме сè што е потребно за целосно гаснење на пожарот и за спречување на натамошни последици. Ангажирани се целата расположлива механизација и човечките ресурси и упатувам огромна благодарност до компанијата „Бехтел и Енка“, до Дирекцијата за заштита и спасување, до Територијалната противпожарна единица Прилеп, а особено до нашите јавни претпријатија ЈКП „Комуналец“ и ЈКП „Водовод и канализација“, кои неуморно работат за стабилизирање на ситуацијата. Успеавме значително да го намалиме жариштето, а активностите продолжуваат сè до целосно решавање на проблемот – рече Јовчески.
Опозицискиот СДСМ од Прилеп ги обвинува токму градските власти за ситуацијата.
– За Јовчески и за ВМРО-ДПМНЕ, прилепчани немаат проблем со загадувањето бидејќи мерните станици не покажуваат такво нешто. А не покажуваат бидејќи нема мерни станици – обвини Ивона Кузмановиќ од СДСМ од Прилеп.
Прилепската градска депонија се простира на околу 50 000 квадратни метри. Ова е вторпат за една и пол година да гори депонијата и да не се знае кој ја пали, ниту кои се причините за тоа. Единственото решение се гледа во изградбата на регионална депонија за 19 општини во Југозападниот Регион, со седиште во Општина Новаци.
Деновиве, во Прилеп стигна иницијативата на Општина Новаци дека прифаќа да се гради регионална депонија на нејзина територија. Прилепскиот Градски совет треба да го верификува ова.
– Стигна иницијативата на Општина Новаци дека се согласува седиштето на регионалната депонија за Југозападниот Регион да биде во Новаци. Сега треба прилепскиот Градски совет да ја прифати иницијативата, да донесе одлука за тоа. Со тоа, започнува процесот на формирање јавно претпријатие – регионална депонија во Општина Новаци – изјави Абрашоски.