Идејата за формирање академија на етничките Албанци во Македонија, која би била паралелна институција на МАНУ, ја поддржува само „Вреди“, не и другите политички партии фактори во државава, а вчера се огласија и од МАНУ. Оттаму потенцираат дека Академијата никогаш не се занимавала и нема да се занимава со дневнополитички расправи и партиски дискусии, кои ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, односно со работи што спаѓаат во доменот на законодавниот дом и на државните институции.

– Напоменуваме дека во Македонија, како и во земјите во регионот и во светот, постои само една национална академија, која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии. Постојат примери во државите во регионот и пошироко за формирање т.н. струкови академии во рамките на соодветни стручни здруженија (академија за архитектура, академија за медицински науки и др.), како и други научно-уметнички друштва во поголемите градови и во регионалните центри, но нема примери за формирање паралелни национални академии – се подвлекува во соопштението од Претседателството на МАНУ.

Оттаму велат дека Академијата секогаш била отворена за сите граѓани што ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и од каква било друга припадност.

– За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа. Од нејзиното основање до денес, членови во Академијата биле припадници на македонскиот народ, но, исто така, и на сите етнички заедници. Меѓу другото, во последните петнаесетина години, во составот на МАНУ членуваа четворица членови со албанска етничка припадност (од коишто, во трите последователни раководства, еден од нив ја извршуваше функцијата научен секретар, а двајца беа потпретседатели на Академијата, од кои еден и со мандат во актуелното раководство на Академијата), како и четворица членови надвор од работниот состав – посочуваат оттаму.

И премиерот Христијан Мицкоски уште еднаш потенцираше дека во земјава постои само една Академија на науките и уметностите, а тоа е МАНУ и стави точка на дебатата.

– Ако сакаме да правиме тема каде што нема, тогаш можеме да го правиме тоа. Ние, како ВМРО-ДПМНЕ, такво нешто ниту сакаме да дискутираме ниту имаме намера, а не па да поддржуваме. За нас постои само МАНУ. Точка. Тука завршува сè. Ниту имам намера една буква да трошам на што било друго. Општината одлучува како и каде ќе ги троши парите. Тоа е нејзино право. Дали ќе финансира невладини здружениja и со што ќе се занимаваат тие, со спорт или со нешто друго, во случајот, како што велите, ќе биде наречено академија, тоа е работа на општината. Но, ВМРО-ДПМНЕ во тие општини нема намера да го поддржи тоа, на памет не ѝ паѓа. Ако е тоа тема што треба да отвори поларизација на дел од партиите во Парламентот што се опозиција за да си го креваат рејтингот, мислам дека е погрешен пристап. Ниту ќе биде функционално ниту ќе има каква било извесност – истакна Мицкоски во телевизиско гостување и отфрли секаква можност за дестабилизација по таа основa.

Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, смета дека тоа е само идеја и купување евтини политички поени.

– Чиста манипулација со јавноста и со електоратот е да формирате академија на науки. Во Македонија може да има само една академија на науки, тоа е МАНУ, каде што членуваат и Албанци и Срби. Науката не познава ни нација ни јазик, единствено познава работа и континуитет. Тој што се занимава со наука во континуитет, што има трудови, меѓународно признати, се рангира како научник и нему му е местото во МАНУ. Исто како што не може да има македонска академија на науки ниту во Албанија ниту во Србија, не може ни во Македонија да има албанска, српска или која било друга академија на науки. Мене оваа работа ми е апсолутно јасна, бидејќи е купување евтини политички поени. МАНУ е формирана со закон. Значи, тоа ќе остане само идеја, како што останале досега многу идеи со политичка и наменска улога за замајување на електоратот по национална основа – вели Димитриевски.

И Солза Грчева од Глас за Македонија го дели истиот став со Димитриевски.

– Се сака да се добијат политички поени кај албанските гласачи, но толкувањето може да биде и дека создавањето етнички „дупликат“ на веќе постојната национална Академија е вовед во создавање паралелни, чисто етнички институции, конечно и вовед во федерализација на, по Уставот, унитарната држава. Не може локални заедници, кои се, патем, финансирани од сите граѓани во општините, да создаваат „национална“ и, згора на сè, чисто етничка академија на науки и уметности. Тогаш ајде и секој куќен совет нека прави своја академија. Можеби, во секоја зграда има некој нереализиран и незадоволен научник, кој би бил прв во научните достигнувања. Ама прв во зградата, не во државата – вели Грчева за која. Идејата на „Вреди“ ја нарече утописка и деструктивна.