„Единствен матичен број“ е роман за нашиот свет што заборавивме да го сакаме, трогателна приказна за обесчовечувањето на човештвото. Роман потрага по утопијата на идентитетот преку дистопијата на животот…

„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2023 година.

„Сите ние имаме единствен матичен број. Тоа значи дека постоиме на некој начин. Но прашањето што го поставувам јас во романот и што секој од нас треба да го постави е дали навистина постоиме, дури и тогаш кога имаме единствен матичен број, а на тоа прашање секој треба да си одговори посебно, индивидуално и, можеби, само во тишината на своето срце“, рече на денешната прес-конференција писателката Димковска.

Жири-комисијата составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева одлучи токму романот на Лидија Димковска да се закити со една од најпрестижните и најпосакувани признанија во домашната книжевност.

„Со поседување на мошне развиено чувство за детаљ, со изострена перцепција за вкусот на времето, со умешност за карактеризација на ликовите, во рацете на  Димковска општата идеја на откорнатоста и обездоменоста се материјализира во конкретни животни судбини, кои ја носат во себе својата несомнена животна убедливост“, се истакнува, пак, во образложението на жирито.

„Единствен матичен број“ е роман за нашиот свет што заборавивме да го сакаме, трогателна приказна за обесчовечувањето на човештвото. Роман потрага по утопијата на идентитетот преку дистопијата на животот.

„Постоиш ако имаш ЕМБГ. Домот не треба да биде скривница, ниту засолниште. Ниту прибежиште, зашто во него не треба да си бегалец. Треба да си името, а не бројката. Не постои поголемо отфрлање од тоа да си гостин во сопствениот дом. Доаѓа време во животот кога сè одеднаш ти се истура врз глава и те поплавува. Врските се распаѓаат, суштинските работи што останале закопани во долгогодишен молк се претвораат во рак… Мигови кога веќе не можеш да дишеш во тесниот стан, кога си толку осамен и отуѓен од луѓето кои треба да ти се блиски, што едноставно мораш да заминеш некаде за да не се загубиш самиот. Но, каде да се замине тогаш, која пустелија да се фати за да може одново да се изгради светот во себе?, ќе напише Димковска во романот.

Инаку, „Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, а нејзиниот втор „Резервен живот“, исто така, беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.

„Уште по своето објавување, романот на Димковска ја освои читателската публика. Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување, а читателите, исто така, ја препознаа неговата вредност. Во меѓувреме, сите го очекуваме второто издание на романот“, истакнуваат од издавачката куќа „Три“ во чие издание е романот.

Лидија Димковска (1971, Скопје) е поетеса, романсиерка и преведувачка од романски и од словенечки на македонски јазик. Авторка е на поетските книги „Рожби од Исток“ (1992), „Огнот на буквите“ (1994), „Изгризани нокти“ (1998), „Нобел против Нобел“ (2001), „Идеална тежина“ (2008), „pH неутрална за животот и смртта“ (2009), „Црно на бело“ (2016), „Гранична состојба“ (2021); потоа романите: „Скриена камера“ (2004), „Резервен живот“ (2012), „Но-Уи“ (2016) и „Единствен матичен број“ (2023); американскиот дневник „Отаде Л“ (2018), збирката куси раскази „Кога заминав од Карл Либкнехт“ (2019).

Добитник е на повеќе книжевни награди. Ја добила германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди за литература „Поесис“ и „Тудор Аргези“, а била номинирана и за германската награда „Берлински мост“. За својата проза, двапати ја има добиено наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, како и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Учествува на бројни меѓународни книжевни средби, читања и книжевни резиденции ширум светот.

За Издавачкиот центар „Три“, пак, ова е петта награда „Роман на годината“. Димковска се придружи на низата квалитетни автори кои во издание на оваа издавачка куќа претходно се здобиле со ова признание, како Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000 г.), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006 г.), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008 г.) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012 г.).

Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по јубилеен 25-ти пат. Се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.

Покрај „Единствен матичен број“ од Димковска, во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“ за 2023 година се најдоа и насловите „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски, „Заборав“ од Томислав Османли, „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска и „Зелениот дворец“ од Сибо. (Н.И.Т.)