Еден убиен и двајца ранети во вооружена престрелка во скопско Топанско поле

483

Едно лице е убиено, а двајца се повредени во вооружена престрелка што синоќа се случилa во Топанско поле во Скопје.

Според официјалните информации од Министерството за внатрешни работи, синоќа околу 23.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг простор на подрачјето на Чаир, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија помеѓу две групи, прри што било употребено огнено оружје.

На 11.02.2025 во 00.06 часот, од Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени Х.Б.(35) и А.Д.(35), двајцата од Скопје, и дека подоцна Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување.

Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.

По преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 01.40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б.(39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д.(22) од Скопје, додека, подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р.(41) и К.Т.(28), двајцата од Скопје.

Исто така, по преземени мерки, на местото биле пронајдени два пиштоли, неколку возила и други предмети поврзани со делото. Сите уапсени се задржани во полициска станица, а надлежните служби продолжуваат со истрагата. По целосно расчистување и документирање на случајот, против инволвираните ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, информираат од МВР.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) изврши увид на лице место во скопската општина Чаир, каде во оружен инцидент ноќеска беше убиено едно лице, а две беа повредени, соопштија утрово од ОЈО.

Според првичните сознанија, во престрелката учествувале повеќе лица, а од местото на настанот се подигнати траги и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење. Обезбедени се и снимки од видео надзор кои се прегледуваат. Исто така, издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а се работи на целосно испитување на настанот и утврдување на причините.

ИЗДВОЕНИ