Легендата на Формула 1, Еди Џордан (76), објави дека се бори со агресивен вид на рак. Во март му беше дијагностициран рак на простатата и на мочниот меур. Потоа се појави во медиумите за да објасни дека не се откажува од борбата со оваа подмолна болест.

Џордан беше сопственик на тим во Формула 1 од 1991 до 2005 година, Дејмон Хил, Аиртон Сена, Рубенс Баричело и многу други возеа за него, но Михаел Шумахер остави најголем впечаток иако помина само еден круг во својот болид што го носеше истото име. Тој ги импресионираше сите кога се појави во Белгија, од никаде, во 1991 година и кога практично без никакво знаење за патеката и за болидот, ја „разби“ конкуренцијата во квалификациите со освојување на седмото место, за потоа да му откаже болидот на почетокот од трката. Иако тогаш доби договор од 150.000, сепак, Шумахер замина во Бенетон и стана негов член. Подоцна освои две светски титули со овој тим.

Без разлика на сè, Еди Џордан не го сфати тоа како нешто лошо. Тие останаа пријатели, дружејќи се на и надвор од патеката, сè до несреќата на Шумахер во декември 2013 година. Тогаш Корина Шумахер му забрани на Еди Џордан да го посетува, што особено го повреди.

  • Ова беше најстрашната ситуација за Мика и за Корина. Поминаа речиси десет години, а Корина сè уште не може да оди на забави, на ручек, на излет… Таа е како затвореничка, бидејќи сите сакаат да разговараат со неа за Михаел во моменти кога сака да се одмори од сето тоа – изјави Еди Џордан во интервју минатата година, кога откри дека добил забрана за посета откако зборувал за состојбата на Михаел.

Џордан истакна дека „Шумахер е присутен, но и е неприсутен“, што, секако, придонесе мистеријата околу неговиот статус да биде уште поголема, па Корина Шумахер одлучи Еди повеќе да не го посетува.

Инаку, Михаел Шумахер не е виден во јавноста од крајот на декември 2013 година, кога ја повреди главата удирајќи во карпа додека скијаше на Алпите.