ЕЦБ очекува дополнително намалување на каматните стапки бидејќи ризикот од инфлација се намалува

24

Европската централна банка очекува дополнително намалување на каматните стапки доколку инфлацијата падне на планираните два отсто, што се очекува, соопштија денеска некои од првите луѓе на ЕЦБ.

Претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард и високо влијателниот експерт од банката Изабел Шнабел најавуваат дека ќе има постепено намалување на трошоците за задолжување во еврозоната, бидејќи стравувањата од висока инфлација избледуваат, објави Ројтерс.

„Доколку следните податоци продолжат да ја потврдуваат нашата основна насока, се надеваме на дополнително намалување на каматните стапки“, рече Лагард во Вилнус.

Инфлацијата во еврозоната минатиот месец беше 2,3 отсто, а ЕЦБ очекува таа да ја достигне целта од 2 отсто следната година, откако ќе достигне двоцифрена бројка со почетокот на војната во Украина во 2022 година.

Централната банка на еврозоната ја намали основната каматна стапка минатата недела по четврти пат оваа година за 25 базични поени, на три отсто. Со тоа, банката ја отвори вратата за повеќе кратења со отстранување на „доволно рестриктивната“ клаузула за задржување на стапката.

„Се надевам дека сликата е малку појасна за оние кои се прашуваа што значи оваа терминолошка промена минатата недела и што бараме во блиска иднина“, истакна Лагард.

Шнабел беше поексплицитна, велејќи дека ЕЦБ треба да продолжи постепено да ги намалува каматните стапки додека не достигнат неутрални нивоа.

„Стабилноста на цените е на дофат“, рече таа. Неутралната каматна стапка е нејасно дефинирана, па Шнабел ја гледа меѓу два и три отсто, а Лагард посочи дека ЕЦБ ја истражува на вредност од 1,75 до 2,5 отсто, пренесува Танјуг.