Министерката за енергетика и рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одржа продуктивна средба со претставниците на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката и на поддршката во насока на зелената транзиција и одржливиот развој на Македонија.
Една од главните теми на состанокот беше новата стратегија за Македонија за периодот 2025–2030 година, која е во фаза на изработка. Оваа стратегија има цел да ги адресира предизвиците со кои се соочува земјата и да го зајакне одржливиот развој. Нејзината финализација се очекува во првата половина на 2025 година, а ќе биде насочена кон поддршка на зелената економија, одржливата инфраструктура и на регионалната интеграција.
– ЕБРД, како главен институционален инвеститор во земјата, ја реафирмираше својата посветеност за поддршка на реформите во инфраструктурата и во енергетиката. Особен фокус беше ставен на можностите за зголемување на инвестициите во обновливите извори на енергија, модернизацијата на енергетската мрежа и унапредувањето на прекуграничната поврзаност. Претставниците на Министерството и на ЕБРД истакнаа дека досегашната соработка донела значајни резултати, вклучително и финансиска поддршка за изградба на првите соларни фотоволтаични капацитети во сопственост на ЕСМ, како и проекти за проширување на капацитетите во „Осломеј“ и во термоелектраната „Битола“ – потенцираат од Министерството за енергетика.
ЕБРД досега има инвестирано над 2,9 милијарди евра во 196 проекти во Македонија, со акцент на енергетската транзиција, инфраструктурата и на зголемувањето на ликвидноста на енергетскиот пазар.