Европската комисија во годишниот извештај објавен пред малку препорачува безусловен почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Комисијата препорача Советот сега да отвори преговори со Северна Македонија. За да се поддржи континуираниот реформски моментум, Комисијата би применила засилен пристап за преговарачките поглавја за судството и темелните права, правдата, слободата и безбедноста во земјата, стои во заклучоците на ЕК.
Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, во својот воведен говор пред Европскиот парламент нагласи дека и двете земји покажаа значаен напредок во реформските задачи поставени минатата година од страна на Советот на ЕУ.
-Северна Македонија продолжи да ја исполнува реформската агенда и постигна историски договор со Грција, сѐ ова заедно дава пример како да се зацврстат билатералните односи и е сјаен пример и сведоштво за моќта на привлечноста на ЕУ, рече Хан.