„За секој што гледа на филмот како на уметност која е способна да ја обликува приказната за да биде истовремено универзална и лична, Мартин Скорсезе е ненадминат модел. Неговите филмови ја придружуваа нашата историја како набљудувачи и човечки суштества, неговите ликови живееја и растеа во нас, неговиот поглед на историјата и човештвото ни помогна да разбереме и да се прашаме кои сме и од каде доаѓаме“, посочи директорското дуо на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал, Мариете Рисенбек и Карло Чатријан по повод почесна награда „Златна мечка“ за животно дело

Американскиот режисер, продуцент и сценарист Мартин Скорсезе е добитник на почесната награда „Златна мечка“ за животно дело, која ќе му биде врачена на 74. издание на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал (Берлинале) во февруари 2024, објавија организаторите на фестивалот. Берлинскиот филмски фестивал, кој е еден од најзначајните светски филмски фестивали заедно со Кан и Венеција, ќе се одржува од 15 до 25 февруари.

„За секој што гледа на филмот како на уметност која е способна да ја обликува приказната за да биде истовремено универзална и лична, Мартин Скорсезе е ненадминат модел. Неговите филмови ја придружуваа нашата историја како набљудувачи и човечки суштества, неговите ликови живееја и растеа во нас, неговиот поглед на историјата и човештвото ни помогна да разбереме и да се прашаме кои сме и од каде доаѓаме. Затоа е големо задоволство и чест уште еднаш да го поздравиме големиот пријател на фестивалот и да му ја доделиме нашата најважна почесна награда“, посочи директорското дуо на Берлиналето, Мариете Рисенбек и Карло Чатријан.

Наградата ќе му биде врачена на Скорсезе на свечена церемонија на фестивалот, која ќе се одржи на 20 февруари.

Иако Берлиналето се поврзува со Скорсезе преку претставување на многу од неговите филмови, режисерот последен пат учествуваше со спектакуларниот концертен филм за музичката група „Ролинг стоунс“ – „Светни светлина“ („Shine a Light“), кој го отвори фестивалот во 2008 година.

Лили Гладстон и Мартин Скорсезе во „Убијци на цветната месечина“

Како што посочија од Берлиналето, неговиот најнов филм, „Убијци на цветната месечина“ (The Killers of the Flower Moon), е едно од неговите најголеми остварувања. Дејството на филмот е сместено во 1920-тите, во Оклахома, кога под земјата на племето Осаж, домородно население од средниот запад на Америка, е откриена нафта. Луѓето од Осаж ги убиваат еден по еден сè додека ФБИ не влезе да ја разоткрие мистеријата. Како што елоквентно ќе рече самиот Скорсезе, филмот „нуди признавање на обемот на теророт што го доживеала заедницата Осаж, и тоа може да даде некаква утеха“. Историската крими драма, во која главната улога ја толкува Леонардо ди Каприо, а го придружуваат Роберт де Ниро и Лили Гладстон, моментално се емитува во киносалите ширум светот. „Убијци на цветната месечина“ неодамна беше избран за најдобар филм за 2023 година од реномираното американско филмско здружение National Board of Review и беше прогласен за еден од најдобрите 10 филма на годината од страна на Американскиот филмски институт, како и бр. 1 најдобар филм за 2023 година на „Њујорк тајмс“, „Њујоркер“ и Филмските критичари на Њујорк.

Мартин Скорсезе е роден 1942 година, во Квинс, Њујорк. Од 1970-тите, режисерот оскаровец е еден од највлијателните филмаџии во светот на кинематографијата. Само режисерските дела на италијанскиот Американец со сицилијански корени опфаќаат повеќе од 70 филма. Многу од неговите дела испишаа филмска историја, а разновидноста на неговиот опус е уникатна. Негови најпознати филмови се: „Таксист“ (Taxi Driver) – 1975, „Златна палма“ во Кан 1976; „Разјарениот бик“ (Raging Bull) – 1980; „По часови“ (After Hours) – 1985, најдобар режисер во Кан 1986; „Бојата на парите“ (The Color of Money) 1986; „Добри момци“ (Goodfellas) 1990; „Време на невиност“ (The Age of Innocence) 1993; „Казино“ (Casino) – 1995; „Бандите на Њујорк“ (Gangs of New York) 2002; „Авијатичарот“ (The Aviator) – 2004; „Покојните “ (The Departed) 2006; „Shutter Island“ 2010; „Волкот од Волстрит“ (The Wolf of Wall Street) – 2013; „Тишина“ (Silence) 2016 и „Ирецот“ (The Irishman) 2019. Негови чести соработници – актери се Роберт де Ниро и Леонардо ди Каприо. (Н.И.Т.)