Пропусти повторно се утврдени на Дестката клиника од страна на здравствениот инспекторат, по извршениот надзор за случајот со смртта на седум месечното бебе.
На клиниката сеуште не е решен проблемот со задолжително присуство на специјалист во дежурната амбуланта, а за кое веќе се води прекршочна постапка. И понатаму медицинска документација се креира од доктори кои не се присутни на работа за што и претходно беше издадено решение од инспекторатот, се вели во извештајот на ДЗСИ. Констатирани се неправилности и во евиденцијата за прием на пациенти.
„Доколку прием не е извршен, установата е должна да издаде писмено образложение за причините за одбивањето на приемот за болничко лекување. Наведената законска обврска е казнива согласно член 306 од Законот за здравствената заштита заради што ДСЗИ ќе спроведе нова постапка за порамнување према правното лице ЈЗУ УК за дeтски болести како и против одговорното лице во установата.“ – ДЗСИ.
Министерот за здравство за ТВ 24 потврди дека стручна комисија ќе проверува дали имало и стручни пропусти во лекувањето на детето.
Ова е четврти смртен случај на Детска клиника во изминативе неколку месеци за кој се покренува вонреден надзор. Претходно организациски, но и стручни пропусти беа откриени и во случајот со 14-месечно бебе кое почина од бронхопневмонија откако беше одбиено за хоспитализација иако родителите барале помош во две болници. За овој случај, Комисијата при Министерството за здравство утврди дека и на Детската и во клиниката Козле бил направен превид во проценките за здравствената состојба на бебето.