Џо Бајден го помилува својот син Хантер и покрај неговото ветување дека нема да го стори тоа

9

Американскиот претседател Џо Бајден издаде помилување за неговиот син Хантер Бајден во судската постапка против него за даночни прекршувања и во врска со носење огнено оружје, а својата одлука ја оправда со тврдењето дека неговиот син бил подложен на неправедно гонење.

„Ниту еден разумен човек кој ги разгледува фактите од случаите на Хантер не може да дојде до друг заклучок освен што тој беше издвоен само затоа што тој е мој син – и тоа е погрешно. Имаше обид да се скрши Хантер. Во обидот да го скршат Хантер, тие се обидоа да ме скршат мене- и нема причина да верувам дека ќе застане тука, доста е“, рече Бајден во изјавата од Белата куќа.

Во помилувањето се наведува дека Бајден му дал целосно и безусловно помилување на Хантер Бајден за какви било прекршоци помеѓу 1 јануари 2014 година и 1 декември оваа година.

Иако Бајден претходно уверуваше дека нема да даде претседателско помилување на неговиот 54-годишен син, зависник од дрога на лекување, кој стана мета на републиканците, вклучувајќи го и новоизбраниот претседател Доналд Трамп, тој сега одлучи да го стори тоа.

Во интервју за ABC News, тој одговори „да“ на прашањето дали ја отфрла можноста за помилување за Хантер. Со „да“ одговори и на прашањето дали ќе ја прифати пресудата за неговиот случај.

Белата куќа неколку пати одговараше и на новинарски прашања дека Бајден нема да го помилува својот син.

ИЗДВОЕНИ