Познатиот британски готвач Џејми Оливер ја повлекува својата детска книга „Били и епското бегство“ по критиките дека е стереотипна за домородното население на Австралија, објави издавачот „Пингвин Рендом Хаус“ во Велика Британија.
Неговото дело, научно-фантастичен роман за деца, ја раскажува приказната за девојка Абориџинка која живее во згрижувачко семејство во близина на градот Алис Спрингс и е киднапирана од вештерка, пренесува британски Телеграф.
Девојчето тврди дека може да комуницира со животни и растенија, користејќи фрази кои не се согласуваат со реалните јазични и културни практики на домородните народи.
„Јасно е дека нашите издавачки стандарди потфрлија во оваа прилика. Се договоривме со нашиот автор Џејми Оливер дека ќе ја повлечеме книгата од продажба“, соопшти издавачот.
Оливер, исто така, упати уште едно извинување до домородните Австралијци, велејќи дека немал намера никого да навреди, а претходно призна дека требало да се консултира со домородните експерти пред да ја објави книгата.
Книгата беше осудена од Националната корпорација за образование на абориџините и образовната корпорација за островите Торес Стрит (NATSIEC), кои прво го повикаа Оливер да ја повлече книгата од продажба, објави Гардијан.
NATSIEC го обвини Оливер дека неговата книга придонела за стереотипно прикажување на домородната култура и дека покажува непочитување кон вистинскиот живот на Абориџините.
Оливер моментално е во Австралија каде ја промовира својата најнова книга за готвење „Едноставно Џејми“, каде пред критиките требаше да промовира нова книга за деца.