До изборите има уште 50 дена и граѓаните имаат време да покренат постапка за да ги извадат документите со новиот назив на државата за да може да гласаат на изборите. Ова го изјави техничкиот премиер Талат Џафери на денешната прес- конференција, коментирајќи го предлогот што Државната изборна комисија го достави до Собранието – документите со стариот назив на државата да важат до изборите за да можат да гласаат сите граѓани.

Џафери меѓутоа смета дека важно е секој граѓанин да иницира постапка за издавање документ, а на новинарско прашање што ќе се случи ако сите граѓани сепак не ги добијат новите документи, Џафери рече дека не сака да зборува хипотетички, но дека тоа е тема за кој треба да се размислува. Тој потенцираше дека во актуелниот момент е важно МВР, која закажува термини за личните документи, да си ја врши својата работа и порача дека тој од позиција на технички премиер има право да врши посети и контроли низ службите на МВР за да овозможи ефикасност во работата на институциите во државата.

– Има време секој граѓанин да иницира издавање документ Прво да им оставиме простор да го направат тоа, а потоа ќе излеземе со соодветна одлука како да постапиме. Јас не сакам да зборувам хипотетички туку откако ќе направам, ќе бидете информирани сите, меѓутоа основно е институцијата МВР да си ја врши работата, а не да се правда за несработеното. Во таа смисла беа и прашањата дали сум имал право или не да правам посети и контроли на службите на МВР. Имам право да одам во секоја канцеларија под владата, тоа право ми следува по хиерархија“, изјави Талат Џафери.

Според статистиката што техничкиот премиер Џафери ја добил од МВР за периодот 1. 2. 2024 до 20. 2. 2024 граѓаните поднеле 123.983 барања за пасоши, а биле изготвени 95.267. За лични карти биле поднесени 82.235 барања, а изготвени се 71.410. Речиси двојно помал бил интересот за возачки дозволи. Во февруари биле поднесени 46.280 барања, а изготвени биле 39.552.

„Со оваа динамика со која сега се изготвуваат личните документи, а педесет дена пред избори граѓаните кои досега иницирале постапка ќе можат да гласаат со новите документи“, оцени Џафери.

За разлика од техничкиот премиер Џафери, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски еден ден претходно изјави дека владејачката СДСМ ќе го поддржи предлогот на ДИК, документите со стариот назив на државата да важат за претстојните избори. Смета дека на граѓаните треба да им се овозможи правото на глас.

-Ќе поддржиме и веќе се разговара. Работните групи кои работат на Изборниот закон уште од крајот на минатата година работат на решение да има одредба со кој ќе се дозволи на секој граѓанин да го оствари своето гласачко право, изјави Ковачевски.

Во однос на бројот на граѓани кои не поседуваат лични документи Ковачевски рече дека не може да каже точен број, но дека има околу 100 илјади граѓани со важечки документи со старото уставно име.

-За точниот број на граѓани може да кажат во ДИК и МВР, но се работи за бројка од околу 100 илјади граѓани на кои мора да им биде обезбедено право да гласаат на изборите, посочи тој.

И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе гласаат во парламентот за преодните одредби предложени од Државната изборна комисија.

„Прифатливо е секое издржано решение со кое ќе се надмине проблемот, односно решение со кое ќе се овозможи да може секој граѓанин непречено да го исполни своето право да гласа на изборите“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

ДИК оваа недела достави предлог до Собранието да се напрви измена во Изборниот законик, со внесување на  преодна одредба само за овие избори, да важат и старите важечки документи за да можат да гласаат сите граѓани.

Дали полнолетните граѓани што немаат лична карта, но стар важечки пасош, ќе можат да го остварат правото на глас зависи од одлуката на пратениците, изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Инаку претходно опозициската ВМРО-ДПМНЕ не доби поддршка во Собранието за нивното барање пасошите со старото име да важат до крајот на годината за севкупна употреба. Власта сметаше дека со измени во законот за патни исправи ќе се прекрши Преспанскиот договор, а дека проблемот со хаосот за издавање документи нема на вистински начин да се надмине со оглед дека граѓаните нема да имаат гаранција за престој во секоја странска земја.

(М.С.)

Џафери почна на албански па сврте на македонски јазик

Талат Џафери денеска оддржа прва прес конференција во Влада во улога на технички премиер. Тој пред новинарите прво се обрати на албански, а потоа на македонски јазик, игнорирајќи го фактот дека според Уставот македонскиот јазик е прв официјалнен јазик во земјава.

Инаку Џафери и претходно како претседател на Собранието, заокружувајќи го својот втор мандат на највисоката функција во  законодавниот дом, на брифинг со новинарите подели и мандатен извештај за неговата работа во Собранието. Извештајот беше напишан прво на албански, а потоа на македонски и на англиски јазик.

На прашање на новинарите дали како претседател на законодавниот дом тој не го испочитувал Уставот со оглед дека македонскиот јазик е прв официјален јазик, Џафери тогаш рече дека извештајот не го печател тој туку печатница и  дека тоа е негова лична работа. Дополни дека тоа е негово право.