Двојно зголемена помошта за новороденче во Кисела Вода, во Ѓорче порасна за 2.000 денари

21

Општина Кисела Вода продолжува со посветената поддршка на најмладите жители и на нивните семејства. Советот на Општинатан вчеран едногласно одлучи еднократната парична помош за семејствата со новороденчиња двојно да се зголеми. Со оваа одлука, износот, кој досега беше 6.000 денари, се зголемува на 12.000 денари, со што се овозможува значајна помош за родителите во еден од најважните моменти од нивниот живот.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека оваа мерка е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за унапредување на социјалната слика и за создавање поволни услови за развој на младите семејства.

– Поддршката за новороденчињата е многу повеќе од финансиска помош. Таа претставува симбол на нашата заложба за иднината, за создавање општина што расте и се подмладува. Ова е само еден сегмент од нашите заложби. Градиме нови градинки за да обезбедиме предучилишно образование за сите деца, го субвенционираме целодневниот престој за децата од семејствата во социјален ризик, а за овие деца обезбедуваме и бесплатни оброци, курсеви по странски јазици и информатика во училиштата – изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека во рамките на програмите за поддршка на младите, сите првачиња во Општина Кисела Вода добиваат бесплатни ранци и училиштен прибор преку проектот „Ранче за секое прваче“, додека за децата од социјално загрозените семејства се организираат бесплатни летувања, што придонесува за нивниот развој и рамноправни можности.

Општина Ѓорче Петров, пак, донесе одлука за зголемување на надоместокот за новороденче од 5.000 на 7.000 денари. Градоначалникот Александар Стојкоски вчера потпиша нови решенија за оваа поддршка, со што се потврдуваат заложбите за инвестирање во најмладите генерации.

– Дополнително, Општината активно вложува во подобрување на условите за предучилишно образование. Во моментов е во тек изградбата на нова градинка во населбата Стопански Двор, а паралелно се работи на подготовка на документацијата за изградба на уште две нови градинки на територијата на Општина Ѓорче Петров. Создаваме услови за секое дете и секое семејство да имаат сигурна и подобра иднина во Ѓорче Петров. Ова не е само наша обврска туку и наша мисија – изјави Стојкоски.

ИЗДВОЕНИ