– Во Гевгелија, има производи со двојазични декларации, а производите ги купуваат Македонци, Срби, Грци и други странци, но не и Албанци, зошто во Гевгелија ги нема. Оваа обврска е надвор од здрава економска и од каква било логика, а трговците ги чини и пари и време – рече Сашко Јанчев од Левица во  образложението дека Законот за двојазичност не предвидува обврска за употреба на албанскиот јазик за приватниците. При гласањето, предлогот на Левица доби поддршка од само четворица пратеници, а 22 беа против. Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека нема да поддржат закон што нема да ги намали цените. Тој објасни дека ВМРО-ДПМНЕ предлага измени на Законот за заштита на потрошувачите, со што ќе се предвиди трговците да ги означуваат и да ги објавуваат продажните и единечните цени на своите веб-страници, на недвосмислен начин, со цел да може да се направи јасна споредба

Двојазичните декларации на македонски и на албански на производите остануваат на сила откако вчера парламентарното мнозинство не го поддржа предлог-законот  на Левица за измена на Законот за потрошувачи. Имено, Законот за заштита на потрошувачите, кој беше изгласан на 15 ноември 2022, а почна да применува по само осум дена, предвидува обврска за производителите да испечатат и двојазична етикета за секој производ, што е огромен финансиски товар за нив.

Од Левица побараа од пратениците да го поддржат законот за, како што велат „се исправа неправдата врз македонските производители и потрошувачи, кои со години се соочуваат со административни и финансиски товари наметнати од политиките на режимските партии и да ѝ се стави крај на непотребната бирократска ‘заврзлама’, која ги става македонските производители во неповолна положба“.

– Законот за двојазичност не предвидува обврска за употреба на албанскиот јазик за приватниците. Граѓаните имаат право да употребуваат албански, но тоа не е. Во Гевгелија, има производи со двојазични декларации, а производите ги купуваат Македонци, Срби, Грци и други странци, но не и Албанци, зошто во Гевгелија ги нема. Оваа обврска е надвор од здрава економска и од каква било логика, а трговците ги чини и пари и време – образложи Сашко Јанчев од Левица.

Инаку, при гласањето, предлогот на Левица доби поддршка од само четворица пратеници, а 22 беа против.

За пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, со предлогот, Левица брка политички поени и рече дека нема да поддржат закон што нема да ги намали цените. Тој објасни дека ВМРО-ДПМНЕ предлага измени на Законот за заштита на потрошувачите, со што ќе се предвиди трговците да ги означуваат и да ги објавуваат продажните и единечните цени на своите веб-страници, на недвосмислен начин, со цел да може да се направи јасна споредба.

– Големите, средните и малите трговци што вршат трговија на мало се должни да ја објават на својата веб-страница, одделно, тековната продажна, односно единечна цена во моментот на објавувањето за секој свој производ во секој свој маркет, и тоа на дневна основа. Со овој закон му се дава овластување на Министерството за економија со подзаконски акт да се одреди начинот на објава на стоката, да се обезбеди основа за подобра информираност на потрошувачите, а инспекторите ќе казнуваат доколку не биде застапено ова во маркетите. Оваа обврска нема да се однесува на микро и на малите трговци и на трговците поединци, а ќе обезбеди транспарентност, фер конкуренција и заштита на потрошувачите од нефер практики – истакна Јовановски.

Тој потсети дека овој закон веќе се применува во Израел, Италија, Франција, Хрватска и секаде има намалување на цените, бидејќи се креираат апликации и алатки за граѓаните да ги споредуваат цените и да одлучуваат во кој маркет ќе ги оставаат своите пари, објасни Стојановски.

Освен декларациите на производите, двојазични мора да се и сертификатите, гарантните листови, упатствата за склопување и користење на производот, како и листата на овластени сервиси.

По донесувањето на Законот за заштита на потрошувачите, имаше реакции од трговците, кои одбиваа да примат производи без соодветни декларации, бидејќи казните се движат и над 1.000 евра и затворање на дуќанот од 15 до 30 дена.

 

ИЗДВОЕНИ