Двесте педесетте милиони евра што ги „замрзна“ Владата биле за изградба на тунел на коридорот 8, на оската Гостивар – Букојчани. Од ДУИ ја повикуваат Владата да ја преиспита својата одлука, затоа што ќе го продолжи времето на изградба на автопатот од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“.

– Одлуката што ја изгласа претходната Влада предвидуваше проектирање и изградба на тунел во должина од пет километри, на автопатот Гостивар – Букојчани, кој е дел од коридорот 8. Ваквата одлука е донесена по завршувањето на сите геомеханички анализи и истражувања за избор на најдобра варијанта за изградба на оваа патна оска, која е побрза и побезбедна за развој на сообраќајот, а воедно и поекономична за одржување. Со оваа одлука се решаваат проблемите при изградбата на овој дел од автопатот, бидејќи, во спротивно, ќе има проблеми, кои би го продолжиле времето и трошоците за изградба, проблеми што се евидентни во реализацијата на проектите започнати во изминатиот период – се наведува во реакцијата на ДУИ.