Претседателот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, рече дека ССМ се загрижени за состојбата во која 250.000 работници примаат плата до 32.000 денари, а 380.000 работници примаат плата под просечната плата во земјата. – Денешната јавна седница е против одлуката на Владата да ја зголеми минималната плата за само 1.800 денари, што е незаконско и недоволно затоа бараме минималната плата да изнесува 30.000 денари, наместо предложените 24.300, рече Трендафилов. Пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за труд, Јована Тренчевска, побара сите пратеници да го поддржи законот на СДСМ за покачување на платите до 15.000 денари

 

Претседателот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, вчера порача дека нападите кон него и ССМ нема да ги поколебаат денеска на пладне да ја одржат јавната седница на Советот, претседателството и надзорниот одбор на синдикатот пред Работничкиот дом. Тој притисоците и нападите кон синдикалните претставници ги нарече нечовечки за што се известени и меѓународните синдикални организации.

– Не само што е повреден Уставот и законите во Македонија, туку има повреда и на меѓународните конвенции на трудот и за тоа веќе се известени Меѓународната организација на трудот, Европската и Меѓународната конфедерација на синдикати кои даваат целосна поддршка на ССМ – истакна Трендафилов и ги повика функционерите „да ги симнат розовите очила со кои гледаат во нивните скапи и луксузни кабинети“.

Трендафилов рече дека ССМ се загрижени за состојбата во која 250.000 работници примаат плата до 32.000 денари, а 380.000 работници примаат плата под просечната плата во земјата.

– Јавната седница е против одлуката на Владата да ја зголеми минималната плата за само 1.800 денари, што е незаконско и недоволно затоа бараме минималната плата да изнесува 30.000 денари, наместо предложените 24.300 – рече Трендафилов.

Според најавите, Јавната седница од пред ССМ ќе продолжи пред Парламентот, каде што синдикатот ќе порача дека не може да има подобрување на платите за пратениците без подобрување на платите за работниците. Пред Стопанската комора, ССМ ќе истакне дека поддршката на работниците е од суштинско значење за стабилноста на економијата. Завршниот дел од протестот ќе биде пред Владата, каде што синдикатот ќе побара да се вклучат работниците во одлуките за нивните плати.

Пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за труд, Јована Тренчевска, побара сите пратеници да го поддржи законот на СДСМ за покачување на платите до 15.000 денари.

– Животниот стандард на граѓаните е на дното. Цените растат, а платите тапкаат во место. Власта одбива да ги покачи платите и работниците ги држи со најниски плати во регионот. Потрошувачката кошница во февруари 2025 достигна 63.773 денари, за 100 евра е зголемена во споредба со лани. Две минимални плати не се доволни за да се покријат основните месечни трошоци на едно семејство – истакна Тренчевска.

Таа повтори дека првпат минималната плата е договорена без социјален дијалог, без учество на синдикатите, а резултатот на тоа покачување од „срамни 1.800 денари“.

Таа истакна дека власта не го почитува ниту општиот Колективен договор и не ги зголемува платите во јавниот сектор за предвидените 12,5 проценти.

– Ќе продолжиме да се бориме за поголеми плати за работниците – истакна таа.

На собраниска седница е ставен и Законот за ослободување од плаќање придонеси за зголемени плати поднесен од СДСМ. Со оваа мерка платите може да се зголемат од 3.000 до 15.000 денари.

– Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси за зголемениот дел, 400.000 работници со плата до 65.380 денари ќе добијат повисоки примања. Ова е ударна економска мерка за поголеми плати – за работниците, за стопанството, за економијата – рече таа.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ