Две згради на улица „Јуриј Гагарин“ добија нови фасади

1885

Реконструирани се фасадите на двете станбени згради со броеви 47 и 49 кои се наоѓаат на улицата „Јуриј Гагарин“. Од Општина Карпош информираа дека овие фасади не се обновени уште од 1980 година.

– На улицата ,,Јуриј Гагарин”  реконструирани се фасадите на две станбени згради со броевите: 47 и 49, а претходно беше реконструирана фасада на станбен објект на улицата ,,Братфордска” кај кој преостанува да се заврши задниот дел. Во исто време, продолжуваме кон десеткатниците кои се наоѓаат на улица ,,Јуриј Гагарин“, 53 и 70 –  истакна градоначалникот на Општика Карпош, Стевчо Јакимовски.

Од општинскиот буџет за оваа намена се издвоени околу 450.000 евра.

Јакимовски нагласи дека по улицата „Јуриј Гагарин“ ќе продолжи реконструкција на фасадите на руските згради на улицата ,,Адолф Циборовски”. Таму е планирано да се обноват четири фасади.

Тоа воедно би значело, разубавување на Општината, но во исто време би се зголемила енергетската ефикасност на овие објекти.