На 30.10.2015 година во Букурешт се случи голема трагедија кога во клубот „Колектив“ избувна пожар кој однесе 64 животи. Слична трагедија се случи во неделата на 16 март во кочанската „дискотека“ „Пулс“, кога во пожар загинаа 59 лица, а повеќе од 155 се повредени. Сличности меѓу трагичниот настан во Кочани и Букурешт има многу.
Првата, е што пожарите и во „Пулс“ и во „Колектив“ настанале од огномет наменет за надворешна употреба, кој ја запалил внатрешноста, а пламенот брзо се проширил поради запаливиот звукоизолационен материјал на клубот. Огнометот запали многу запалива полиуретанска пена што се користи за звучна изолација на столбовите на објектите. Пламенот брзо се прошири низ клубот, предизвикувајќи повреди – во некои случаи фатални, преку изгореници, задушување, труење со јаглерод моноксид и други гасови на значителен број од присутните.
Утврдено е дека клубот ги немал потребните дозволи, а имал само една врата за влез и излез, па многу луѓе загинале бидејќи не можеле брзо да излезат.
Уште една сличност е големиот број жртви. Во Кочани загинаа 59 лица, во Букурешт бројот се искачи на 64 загинати. Дваесет и седум лица загинаа на лице место, а останатите им подлегнаа на повредите во неделите и месеците што следеа.
Во случајот со Кочани, сите тешки случаи многу брзо се префрлени во странски болници.
Трагедијата во Романија беше проследена со масовни протести, по што премиерот и целата влада како и градоначалникот поднесоа оставки на 4 ноември 2015 година. Како што пренесуваат романските медиуми, тогашната траума ги избркала луѓето на улица и ја срушила владата. Протестите почнаа откако повредените почнаа да умираат, не само од изгореници, туку особено од инфекции што ги добија во болниците, додека власта тврдеше дека ништо не недостасува и дека жртвите може да се лекуваат нормално. Властите тврдеа дека Романија има сè што е потребно и дека не сакала да ги испрати повредените во подобро опремени болници во странство. Во исто време, никој не го послушал советот дека кај заболените од изгореници, периодот од 48 до 72 часа се смета за безбеден транспорт. Тие треба да бидат прегледани од стручни лица, бидејќи од тоа зависи нивниот живот, пренесува Блиц.
Повеќе од една недела по пожарот во „Колектив“, првите повредени се префрлени на клиниките во Холандија, Белгија, Израел, Австрија, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство.
По долгото судење во мај 2022 година, градоначалникот на Секторот 4 во Букурешт, Кристијан Попеску-Пиедоне, беше осуден од Апелациониот суд во Букурешт на 4 години затвор за злоупотреба на службената положба. Казната му е намалена за 8 години и 6 месеци во однос на првобитната казна што ја доби во Основниот суд. Освен што му беше преполовена казната, Пиедоне беше избришан и од списокот на обвинети кои мора да платат десетици милиони евра отштета на настраданите во пожарот. Пиедоне е обвинет за потпишување надоговори и работни дозволи за „Колектив“ на начин што ги прекршил законите за заштита од пожари, вклучително и непочитување на одредбите за инспекција по лиценцирањето.
По долго судење, сопствениците на „Колектив“ беа осудени на 6, 8 и 11 години затвор. Болничката евиденција беше затворена минатото лето. Роднините на жртвите поднесоа жалба на одлуката. И понатаму се жалат дека здравствените власти не ги испратиле навремено повредените во странство.