Две планинарски тури на Скопска Црна Гора

39

Овој викенд, утре и в недела, здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ организира две планинарски тури.

За утре е предвидено движење од чешмата во село Бањани по дел од зимската патека која оди кон месноста Душановац, на надморска височина од 1.225 метри, Јеленина Глава, на надморска височина од 1.245 метри и Студена, на надморска височина од 1.428 метри и преку шумските куќи кон Вељанска Нива и се до манастирот „Горни Св. Илија“ и покрај Бањанска река до чешмата во Бањани.

В недела, турата ќе биде од чешмата во село Бањани кон манастирот „Горни Св. Илија“ и по дел од зимската патека кон Племна на надморска височина од 1.225 метри и нагоре кон шумските куќи, потоа назад преку Вељанска Нива кон чешмата во Бањани.

-Ако има сонце може да се вратиме преку Јеленина Глава и месноста Душановац, по зимската патека до чешмата во Бањани – информираат од здружението.

И двете тури ќе бидат долги 25 километри, со висинска разлика од 800 метри. За искусни планинари турите ќе бидат средно тешки, а за почетници планинари тоа се екстра тешки тури.

И двата дена стартот на турите ќе биде во 7:15 часот од чешмата во село Бањани. Од опрема се потребни удобни обувки, облека во слоеви за заштита, кабаница, стапчиња за помош при движење по патеката, челна ламба, вода и храна според сопствени потреби.

– За учество за турите нема да се бараат средства. Затоа, може да донирате на СОС-телефоните за помош на настраданите во Кочани – соопштуваат од „Убавините на Скопска Црна Гора“ .

 

ИЗДВОЕНИ