На 22 мај ќе има прегласување на седум избирачки места, поради што висат два мандати на ДУИ и Коалицијата „Европски фронт“, истакна Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница.
Одлуката за прегласување доаѓа откако Управниот суд вчера ги отфрли тужбите на Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ кои ги оспорија сите седум одлуки на ДИК за поништување на гласањето на изборните места поради нерегуларности. Со прегласувањето сега „висат“ два мандати на Коалицијата „Европски фронт“ еден во петката кој му припадна на четвртиот носител на листата Исмаил Јахоски и кој може да го добие СДСМ и еден во шестката кој го доби Фатмире Исаки која беше на деветтото место и мандат кој би припаднал би припаднал на Коалицијата „Вреди“.
Следната среда во петата изборна единица ќе се прегласува гласа на две изборни места во Крушево ИМ 1194 и ИМ 1202, две во Долнени – ИМ 1470 и ИМ 1470/1, избирачкото место 1844 во Струга и избирачкото место 1272 во Охрид каде право на глас имаат вкупно 3.521 гласач. Разликата меѓу СДСМ и ДУИ на овие шест избирачки места е 8 гласа.
Во шестата изборна единица ќе се гласа на избирачкото место 2101 во Желино каде право на глас имаат 992 гласачи а на изборите на 8 мај убедливо победила коалицијата „Вреди“.
На седницата на ДИК на која беа разрешени избирачките одбори на местата каде ќе се прегласува не беше присутна потпретседателката Дитмире Шеху која имаше издвоено мислење на одлуките за поништување на изборите на овие гласачки места.