Две компании казнети по 9.000 евра за неправилно управување со отпадот

26

Општинскиот инспeкторат за животна средина на Општина Струмица им изрече глоба од по 9.000 евра на две компании и 500 евра за управителот на правниот субјект, а на други им е наложено да постават филтри за да не го загадуваат амбиенталниот воздух.

Веста ја соопшти градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, на својот фејсбук-профил, информирајќи дека инспекторите извршиле шест вонредни инспекциски надзори, од кои четири кај правни субјекти со дејност производство на друг мебел, еден кај правен субјект производство на амбалажа од пластични маси за пакување и еден инспекциски надзор кај правен субјект што се занимава со изработка на метални конструкции.

– Од извршените инспекциски надзори, констатирани се неправилности кај сите шест правни субјекти. Кај два правни субјекти ќе биде поведена прекршочна постапка согласно со член 37 став (4) од Законот за управување со отпадот, со издавање прекршочен платен налог со казна во висина од 9.000 евра за правниот субјект и 500 евра за управителот на правниот субјект на надзор. За три правни субјекти ќе се донесе решение за изработка на елаборат за животна средина и да се преземат соодветни технички мерки за вградување а филтер со кој ќе се намали, спречи и ќе се контролира негативното влијание врз квалитетот на амбиенталниот воздух, а за еден правен субјект ќе се донесе решение согласно со дејноста што ја извршува, да се изработи елаборат за животната средина согласно со член 24 од Законот за животна средина – објави Костадинов.

Тој најави дека во периодот што следува, вонредните надзори што се спроведуваат од Инспекторот за животна средина на Општина Струмица ќе се објавуваат на официјалната страница на Општината.

Инаку, во саботата, во Струмица се одржа протестен марш против енормното загадување, во организација на еколошкото друштво „Здрава котлина“, кое достави повеќе барања за намалување на загадувањето, меѓу кои и засилени инспекциски надзори на компании што го загадуваат амбиенталниот воздух.

 

 

ИЗДВОЕНИ