Две главни улици станаа двонасочни, централната ќе биде шеталиште

152

Општина Велес, со добиена согласност од МВР, изминатиов викенд, двете велешки централни улици, „Гоце Делчев“ и „Страшо Пинџур“, од еднонасочни ги пренамени во двонасочни. На нив е поставена сета хоризонтална и вертикална сигнализација согласно со законската регулатива и потребата за уредување на сообраќајот и на безбедноста во сообраќајот.

– Улицата „8 Септември“ во најстрогиот центар на Велес, откај фонтаната до споменикот на коњаникот, како и досега, останува еднонасочна и наскоро, по завршувањето на градежните работи што се во тек, од 18:00 до 3:00 часот по полноќ ќе биде пешачка зона, односно целосно ќе биде забранет сообраќајот по неа, освен за возилата за Итната помош, пожарната и на полицијата и за автобусите на градскиот превоз. Оваа забрана ќе важи во јуни, јули и во август – информира Славче Велков од Одделението за сообраќај на Општина Велес.

Тој појасни дека во периодот од 3:00 до 18:00 часот, улицата „8 Септември“ ќе биде отворена за сообраќај за сите возила, а во другите месеци од годината, повторно ќе биде еднонасочна за сите возила. Улицата „8 Септември“ ќе биде пренаменета во пешачка зона навечер, откако целосно ќе бидат завршени градежните работи на тротоарите од левата и од десната страна.

Оваа улица, по целосно обележување со хоризонтална и со вертикална сигнализација, ќе има и велосипедска патека и една лента за возила. Ако не завршат градежните работи во текот на овој месец, улицата, наместо ова лето, ќе стане пешачка зона идното лето, во јуни, јули и август.

Централното градско подрачје во Велес целосно се реконструира со европски пари, преку Европската банка за обнова и развој, каде што еден од условите во проектот беше централното градско подрачје да биде пешачка зона.

Отворањето пешачка зона и пренаменувањето на улиците од двонасочни во еднонасочни е во согласност со проектот за централното градско подрачје на Велес, кој Советот на Општина Велес го усвои во претходен мандат, во 2017 година.