Апелациониот суд во Гостивар го врати на повторно судење предметот на политичката партија Алијанса за Албанците и ги прифати жалбите на правниот застапник на Арбен Таравари, соопштија од Алијанса за Албанците.
„Апелациониот суд го враќа предметот на повторно судење по претходната одлука донесена од Основниот суд Тетово, каде што се одолговлекуваше и се менуваа неколку судии додека не се донесе скандалозната одлука под притисок на поранешниот министер за правда Кренар Лога, партиските печати да и припаднат на фракцијата што и се придружи на ДУИ. Имајќи ги предвид доказите депонирани во Апелациониот суд во Гостивар, се очекува конечната одлука да биде во наша корист и партијата заедно со печатите да остане кај нејзиниот легитимен претседател Арбен Таравари“, велат од партијата.
Со одлука на тетовскиот суд во април годинава печатите на партијата Алијанса за Албанците и припадна на крилото на Зијадин Села. Во Основниот Суд Тетово се водеа два предмети, односно две барања за упис на промени во судскиот регистар на политичките партии во кој како барател и во двете барања се јавува Алијанса на Албанците со седиште во Тетово.
Алијанса за Албанците пред изборите се подели на две крила – едното на Таравари и другото на Села, кој по напуштањето на лидерската позиција стана претседавач со партиското собрание а причина за расколот беше настапот на партијата на претседателските и парламентарни избори.
Крилото на претседателот на партијата Арбен Таравари се приклучи на опозицскиот блок во кој се БЕСА на Биљал Касами, Алтернатива на Африм Гази и Демократското движење на Изет Меџити и ја формираа коалицијата Вреди, додека пак крилото на АА предводено од Села на претстојните избори коалицираше со ДУИ и стана дел од коалицијата Европски фронт.