Деца си поиграле со електорнските пошти на две средни и исто толку основни училишта кога во два наврати, еднаш на 19, а вториот пат на 21 февруари исратиле лажна дојава за бомба. Не станува збор за хибридни напади како што првично изјавија властите, туку клупите ги испразниле и испратиле учениците дома основци на возраст од 14 години, чија застрашувачка порака на училишните пошти ја дигна на нозе единицата за антитероризам.
-Пријавените малолетни лица на 19 февруари годинава од мобилниот телефон на едниот малолетник испратиле имејл со заканувачка содржина за поставена бомба во две училишта (едно основно и едно средно) во Скопје. Исто така, на 21 февруари годинава од мобилниот телефон на другиот малолетник испратиле имејл со заканувачка содржина за поставена бомба за поставена бомба во две училишта ( едно основно и едно средно) во Скопје, информира МВР за случајот, кој е еден од многуте лажни дојави за бомби, кои пред десетина дена повторно ги вознемири родителите. Брзаа да си ги земат децата од училиште, а други пак да се јавуваат кај одделенските наставници барајќи информација за безбедноста.
Расчистувањето на случајот со лажните дојави за бомби се однесува на само четири од вкупно 240 –те што ги објави директорот на бирото за јавна безбедност Александар Јанев.
– Во постојан контакт сме со Европол и Интерпол, имаме некои траги, повеќе не можам да откријам да не се наштети на истрагата, изјави на 7 февруари директорот Јанев, а Владата даде насоки до училишните служби како да постапуваат кога ќе им пристигне пошта со наслов – „Имете поставено бомба“. Полицијата информира дека од страна на Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства и направи, извршена била антитерористичка проверка на сите училишта кои што добиле порака, но не се пронајдени експлозивни направи и е утврдено било дека се работи за лажно пријавување за поставени експлозивни направи.
Малолетниците кои си поиграле со училишните пошти се од скопски Чаир, признале и пред инспекторите и пред родителите, а одземени им се мобилните од кои ги праќале лажните пораки.
– По преземени мерки и активности од страна на Секторот за компјутерски криминал, утврдено е IMEI-то на мобилниот уред користен од страна на корисничкиот имејл од каде се пратени пораките, кое IMEI било поврзано до услугите на GOOGLE на 21.02.2025 од IP адреса од телекомуникациски оператор од Македонија. По извршени дополнителни проверки од страна на СБПТНЕР, утврден е идентитетот на инволвираните малолетни лица, пренесува МВР како биле откриени испраќачите.
Пред три години неколку дена по ред училиштата масовно добиваа лажни пораки за бомби. И тогаш дел од пораките ги испраќале малолетници. (П.А.)