Два земјотреси со јачина од 4,1 и 3,5 степени според Рихтеровата скала утрово ја погодија Романија, каде денеска се одржуваат претседателски избори.
Првиот земјотрес е регистриран во 7.16 часот во областа Вранча, на длабочина од 128 километри. Вториот земјотрес е регистриран во 8.43 часот во истиот округ, на длабочина од 64 километри. Засега нема информации за материјална штета.
Инаку, денеска во Романија се одржуваат претседателски избори на кои граѓаните избираат меѓу 13 кандидати. Според резултатите од истражувањето на јавното мислење, најголеми шанси имаат премиерот Марсел Чолаку и лидерот на десничарската Алијанса за Сојузот на Романците (АУР) Ѓорѓе Симион.
Претседателот во Романија има петгодишен мандат и значителни овластувања за одлучување во области како што се националната безбедност и надворешната политика. Доколку ниту еден од кандидатите не го освои потребното мнозинство, вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 декември. На 1 декември ќе се одржат и парламентарни избори во Романија.