Издавачката куќа „Или-или“ неодамна ги објави романите „Смртта на девојчето со кибритчињата“ и „Додека ја преминуваш реката“ на еден од најпопуларните и наградувани современи хрватски писатели, Зоран Фериќ. И двата романа се во превод на Владимир Јанковски.
„Смртта на девојчето со кибритчињата“ е првиот роман на Фериќ, објавен во Хрватска во 2003, по неколкуте успешни збирки раскази. Навидум, едноставната криминалистичка приказна за убиството на локалната проститутка и потрагата по убиецот се претвора во виор од необични настани и бизарни ликови – од ексцентрични чудаци до навидум обични мештани кои ги кријат своите тајни.
Малиот островски свет на Фериќ не е само кулиса – тој е огледало на нашето секојдневие, гротескна преслика на реалноста која истовремено нè забавува и нè тера на размислување. Со доза фантазмагорична имагинација, романот ги истражува границите помеѓу нормалното и апсурдното, додека црниот хумор нè спасува од тежината на тој свет. Овој роман е објавен со поддршка на фондацијата „Традуки“.
Романот „Додека ја преминуваш реката“ е најновиот роман на Фериќ (2022), во којшто тој мајсторски ја истражува суптилната рамнотежа помеѓу страста и табуата, минливоста на љубовта и вечните илузии. Инспириран од познатиот роман „Љубовникот“ на Маргерит Дирас, Фериќ пишува од перспективата на љубовникот, во едно поинакво време и простор. Неговиот текст пулсира со поетичност, страсна ирационалност и смелост што го предизвикува лицемерието на светот. Ова не е само роман за љубовта – ова е огледало на човечката природа, каде возвишеното и вулгарното, нежноста и желбата се спојуваат во една електризирачка приказна што ќе ја паметите. Романот е објавен со поддршка на Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска.
Инаку, „Или-или“ од претходно ги има објавено и романите „Календарот на Маите“ и „На осамениот брег покрај морето“ со што македонската читателска публика имаше можност да се запознае со значаен дел од творештвото на Фериќ.
Зоран Фериќ (Загреб, 1961) објавува раскази во списанија и весници од 1987, но првата збирка раскази, „Стапицата за глувци на Волт Дизни“ ја објавува во 1996. Десет години подоцна за неа ја добива наградата „Декада“. За втората збирка раскази, „Ангел во офсајд“, објавена во 2000, ја добива наградата „Ксавер Шандор Гјалски“ и наградата на „Јутарњи лист“ за прозна книга на годината. По првиот роман, „Смртта на девојчето со кибритчињата“, објавен 2003, е романот „Децата на Патрас“ што излегува од печат во 2005. Шест години подоцна, во 2011, го објавува романот „Календарот на Маите“, за кој ги добива наградите „Владимир Назор“, „Јутарњи лист“, наградата на градот Загреб и наградата „Киклоп“ што ја доделува саемот на книга во Пула. Во 2015 светлото на денот го гледа и романот „На осамениот брег покрај морето“, а обемната семејна сага „Патувачки театар“ е објавена во 2020 година.