Полската вселенска агенција POLSA истражува дали неидентификуван објект пронајден денеска во близина на градот Познањ во западна Полска се остатоци од ракетата SpaceX Falcon 9 на Илон Маск, изјави портпаролот на POLSA.
Според полската полиција, утринава во градот Коморники кај Познањ, на локација на локална компанија, откриен е предмет кој личи на контејнер, пренесува Ројтерс.
– Не можеме да ја исклучиме можноста дека предметот пронајден кај Познањ потекнува од ракетата Фалкон 9, чиј лет го следевме. Оваа можност бара соодветни, дополнителни истраги, изјави Агњешка Гапис, портпаролка на ПОЛСА.
Нешто подоцна денеска уште еден идентичен контејнер е пронајден во шумата кај селото Вири на оддалеченост од околу 30 километри од првата локација, соопшти полската полиција.
-Полицијата засега го обезбедува вториот пронајден контејнер. Кога ќе завршат активностите поврзани со увидот на првиот објект, слични активности ќе извршиме и на втората локација, во шумата, изјави Лукаш Патерски, портпарол на полицијата во Познањ.