Два месеци од падот на настрешницата во Нови Сад: За повредените пациенти следува долга борба

44
EPA-EFE/MARKO KAROVIC

Директорката на Клиничкиот центар на Војводина Весна Туркулов денеска изјави дека лекарите се задоволни бидејќи двајца тешко повредени пациенти во уривање на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад се во подобра состојба.

– Тие се хемодинамски стабилни, и се уште се на одделението за интензивна нега. Задоволни сме, но секогаш постои ризик од инфекција. Добар знак е што по два месеци се живи и во подобра состојба – рече Туркулов.

Според неа, борбата за животите на двајцата млади е долгоготрајна борба, бидејќи сите параметри првично давале мала надеж за опстанок.

– Неточно е дека е потребно да се набави протеза за пациентката, државата прави се и што и да е потребно, државата ќе ја набави, но кога ќе биде погоден моментот – рече Туркулов.

Директорката на Клиничкиот центар на Војводина додаде дека пациентите сега се во постабилна психичка состојба. Директорката на Клиниката за анестезија, интензивно лекување и терапија на болка, Теодора Тубиќ, рече дека пациентите дишат спонтано.

– Нивната состојба е подобрена. Свесни се, хемодинамски стабилни, артерискиот притисок и срцевиот ритам им се задоволителни, без потреба да примаат лекови – изјави Тубиќ. Тубиќ особено истакна дека кај еден пациент превивањата се намалени на три дена.